Започна уредувањето и реконструкцијата на коритото на реката „Грашница“

Започнаа градежните активности за реконструкција и уредување на коритото од каналот на река „Грашница“ јужно од булеварот „Туристичка“ покрај улицата „Аџи Мустафа“. Со ова општина Охрид решава долгодецениски проблем на жителите од овој дел на Охрид а којшто беше причина за чести излевања на водата и поплавувања при невреме проследено со обилни врнежи од дожд.

Градоначалникот Никола Бакрачески кој денеска беше на увид изрази надеж дека градежните активности ќе се одвиваат според договорената динамика и според критериумите предвидени во тендерската документација.

„На ова место претходно беше изработена проектна документација, објавен беше јавен повик и беше избрана компанијата „БОКОП“ како најповолен изведувач. Градежните активности кои започнаа денес ќе се протегаат по целата должина на каналот од 280 метри. Ширината на коритото на каналот ќе биде 1 метар и 50 сантиметри во долниот и 1 метар и 75 сантиметри во горниот дел. Коритото ќе биде изградено од армиран бетон а ѕидовите ќе бидат од камен со дебелина од 30 до 40 сантиметри. Проектот исто така подразбира и уредување и реконструкција на просторот околу ова корито се со цел овој дел од Охрид да биде пристојно катче за жителите. Со реализација на проектот решаваме долгогодишен проблем на охриѓани. Честите запушувања на овој канал и не прифаќањето на сите води кои при обилни врнежи надоаѓа, сега ги оставаме во минатото односно избегнуваме наредни можни поплавувања на куќите од овој дел на градов“. – рече градоначалникот Бакрачески.

Андон Колоски од компанијата „БОКОП“ којашто е изведувач на градежните активности истакна дека фирмата ќе се придржува согласно договореното онака како што е предвидено во тендерската документација.

„Се она што ќе излезе како непредвидена работа ние ќе се обидеме тоа да го вклопиме во проектот на добробит на сите жители на улица „Аџи Мистафа“. Ова не е прв наш објект што го градиме од ваков тип“. – истакна Колоски.

Советникот во градскиот Совет, Кујтим Усеини, кој живее на улица „Аџи Мустафа“ упати благодарност до актуелната локална власт околу заложбите да се уредуваат површини кои се можни ризици за појава на поплави.

„Упатувам пофалба до градоначалникот Никола Бакрачески и до локалната самоуправа затоа што создадоа услови и се одзваа на долгогодишните барања од жителите за уредување на овој канал“. – подвлече Усеини.

Во наредниов период ќе се уредува и проширува и каналот во село Пештани. Рокот за изведување е 120 дена од почетокот на градежните активности.

kanal_grashnica_400a