Развој на трговските и економските врски меѓу Република Македонија и Руската Федерација преку разменување на информации од областа на трговијата, индустријата и услугите, со цел унапредување на билатералната соработка, се основите на Меморандумот за соработка кој денес го потпишаа Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонско- Руската стопанска комора. Со овој документ, се официјализира досегашната плодна соработка на Агенцијата со ова коморско здружение, која, како што истакна директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство м-р Зоран Поповски на денешниот семинар за законската регулатива, правилата и прописите за извоз на млеко и месо и нивни преработки на пазарот на руската федерација и евроазиската царинска унија наменет за компаниите и инспекторите од Агенцијата, стана исклучително интензивна по официјализирањето на соработката во јуни годинава и потпишувањето на Меморандумот за соработка во јуни годинава, меѓу Министерство за земјоделство, Агенцијата за храна и ветеринарство и Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Руската Федерација. Со овој меморандум, тогаш се дефинираа ветеринарните и фитосанитарните услови кои треба да ги исполнат домашните оператори со храна за да извезуваат на пазарот на Руската федерација.
Како што истакна директорот Поповски, меморандумот за соработка кој денес Агенцијата го потпиша со Македонско – Руската стопанска комора е потврда за досегашната плодна и исклучително напорна соработка за создавање на услови за зголемување на размената и унапредување на економската соработка меѓу Република Македонија и Руската федерација, прв ред сега, со отворањето на можноста и создавањето на услови за извоз на храна од Македонија во Русија.
„Првенци сте кои треба да го градите сопствениот бренд на рускиот пазар, но и брендот на Република Македонија како производител на квалитетни и безбедни производи“ – се обрати директорот Поповски до претставниците од компаниите од месната и млечната индустрија кои покажаа интерес за извоз на рускиот пазар и кои денес учествуваа на првиот ден од дводневниот семинар, на кој експерти од Руската федерација и од Грција, ќе им ги објаснат инфраструктурните основи и безбедносните критериуми кои треба да ги исполнат согласно прописите на Руската федерација и Евроазиската царинска унија за да извезуваат на овој пазар.
Претседателот на Македонско- Руската стопанска Комора Ѓорѓи Дика посочи дека за Комората, од исклучително голема важност е дека заедничките активности на Комората и на македонските институции на системот за освојување на рускиот пазар од страна на македонските компании се случуваат во година кога Комората одбележува јубилеј – 10 години од основањето. На компаниите од македонскиот млечен и месен сектор тој им посака успех во работата и истакна дека интензивирањето на економската соработка меѓу Република Македонија и Руската федерација е исклучително важен чекор, не само за зголемување на размената меѓу двете земји, интензивирање на трговијата, туку и за намалување на невработеноста и отворање на нови работни места.
Во рамки на Меморандумот за соработка кој денес го потпиша Агенцијата за храна и ветеринарство со Македонско – Руската стопанска комора, покрај размената на податоци од заеднички интерес, договорено е и размена на информации за меѓународни саеми, изложби и манифестации за промовирање на трговијата кои ќе се одржуваат во Република Македонија и во Руската Федерација.