Спасов: Нови капацитети за згрижување деца во Скопје

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и градоначалникот на општина Ѓорче Петров Сокол Митровски денеска извршија увид во градежните активности за адаптација, реконструкција и опремување простор во рамки на училиштето „Ѓорче Петров“ во населбата Дексион, наменет за детска градинка со капаците за згрижување 150 деца од предучилишна возраст.

„Ова е втора инвестиција на Министерството за труд и социјална политика. Минатата година отворивме нов објект, нова детска градинка за 50 дечиња во Општина Ѓорче Петров и вложивме околу 4.000.000 денари како Министерство. Во овој објект ќе инвестираме околу 3.000.000 денари и очекуваме начелно за еден месец да завршат градежните активности, а потоа општината заедно во соработка со градинката да го опремат овој простор, со капацитет за 150 дечиња,“ рече Спасов.

Додаде дека градоначалникот Митровски го информирал дека е планирано почнување на изградба на нов објект, а исто така МТСП за 2016 година планира изградба на уште една градинка во рамки на училиштето „Димитар Беровски“.

Министерот за труд и социјална политика посочи дека ќе се продолжи со активностите за зголемување на капацитетите за згрижување на деца од предучилишна возраст и дека во моментов Министерството инвестира во 14 општини. Посочи дека се започнати активности во соработка со општините, дел со градежни активности, дел со адаптација, дел со опремување на простор, за нови 14 градинки и на тој начин, како што рече, ќе се продолжи со зголемување на опфатот на деца од предучилишна возраст.

Градоначалникот Митровски посочи дека изминатите години се направени бројни напори за зголемување на капацитетите на установите за згрижување деца од предучилишна возраст, отворени се три нови градинки во општина Ѓорче Петров и со тоа, како што рече, е зголемен бројот на згрижени деца за да можат родителите да си ги вршат своите обврски.

За еден месец ќе се започне со изградба со нова градинка во месната заедница „Мирче Ацев“ за уште 50 деца.