Охриѓани гледаа прволигашки фудбал

Охриѓани имаа можност да гледаат прволигашки фудбал. Одложениот натпревар од четвртото коло од Првата МФЛ помеѓу ФК Младост Царев Двор и ФК Работнички се играше на СРЦ „Билјанини Извори“ во Охрид.

Работнички го доби овој натпревар со убедливи 3:0, но не беше убедлива и играта на Работнички. Првото полувреме според играта можеби беше и најреално да заврши нерешено, но разлика направи досудениот пенал во судиското продолжение (45+1′) и црвениот картон за Гроздановски. Сигурен реализатор на пеналот за Работнички беше Блаже Илијоски.

Во второто полувреме доминираа гостите, односно тимот на Работнички. Со играч повеќе Работнички го имаше поседот на топката, создаваше шанси, но недостасуваше ефикасна завршница. Можеби не толку изгледни, но шанси имаше и тимот на Младост. Се играше со многу грешки и прекини се до 74 минута кога Кире Маркоски го зголеми водството на Работнички на 0:2. Тука веќе беше јасно дека Работнички ќе ги освои трите бодови. Следуваше поотворена игра на Младост, но тоа резултираше со уште еден гол на Блаже Илијоски во 84 минута за 0:3 и победа на Работнички на овој натпревар.

По 13 одиграни кола, на табелата води Вардар со 33 бодови, пред Шкенција со 32, Работнички е на третото место со 19 бодови, потоа следуваат: Силекс 18, Ренова и Шкупи со по 16 бодови, Брегалница и Младост Царев Двор со по 13, Турново 12 и Металург со 5 бодови.

WebOhrid