Завршна презентација на главните достигнувања и постигнати резултати на проектот „Изградба на капацитетите на агенциите за спроведување на законот за соодветен третман на притворените и осудените лица“, финансиран од ЕУ и спроведуван од Советот на Европа, се одржа денеска во Скопје.
Проектот е фокусиран на две главни компоненти – казнениот систем и полицијата и има за цел зајакнување на организациските и раководните капацитети на затворите за да се обезбеди целосна заштита на човековите права во односот со притворените и осудените лица. Во однос на полицијата со проектот треба да се постигне развој на капацитетите за обезбедување професионалност која ќе гарантира целосно почитување на фундаменталните права на притворените лица.
„Владата се соочува со бројни предизвици за реформи во повеќе области од општествениот живот, меѓу кои спаѓа и затворскиот систем за кој е неопходно да се доведе во тек со современите трендови за издржување на казната затвор и да се усогласи со меѓународната рамка за човекови права која ја покрива оваа област“, изјави министерот за правда Аднан Јашари.
Според него, Владата е фокусирана на преземање крупни реформиски активности за развој на затворскиот систем почнувајќи од градба на нови затвори, реконструирање постојни објекти, воспоставување пробациска служба, зајакнување на капацитетите на установите, како и други активности во насока на остварување на основната цел на издржување на казната затвор, а тоа е ресоцијализација на осудени лица и нивна успешна реинтеграција во општеството.
Помошник директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи Тони Станковски рече дека почитувањето на човековите слободи и права претставува клучен дел од правото на секоја современа држава. – Во Република Македонија, која се стреми да се приклучи кон европското семејство, човековите права на граѓаните се дефинирани со уставот, законите, како и со ратификуваните меѓународни договори, изјави Станковски.
Тој смета дека овој проект помогна за јакнење на професионализмот на полицајците, а ќе придонесе и за јакнење на организациските капацитети на Министерството во целина. Една од најзначајните придобивки од проектот, како што рече, се измените на правилникот за вршење на работите на секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди.
Проектот трае од 2013 година и е реализиран во неколку фази, а е предвидено да заврши на 30 ноември 2015 година. Во рамките на проектот е подготвен концепт за човекови права наменет како основен референтен документ на Министерството и полицијата во целина, во врска со политиката и постапките во однос на човековите права.
Шефот на одделот за соработка при Делегацијата на Европската унија Мартин Клауке смета дека еден од приоритетите на ЕУ за човековите права е искоренување на лошото постапување, не само во земјите членки, туку и во целиот свет. – Работиме во насока кон постигнување на оваа цел преку разни начини како мониторинг и известување, поддршка на земјите и меѓународните организации и владините организации што работат во оваа област, изјави Клауке.
За таа цел, според него, во изминатите 15 години ЕУ дава постојана поддршка за затворскиот систем и за судските институции со цел да го подобри нивното почитување на човековите права.
Донче Бошковски, проектен менаџмент при одделението за кривично-правна соработка на Советот на Европа, ги претстави резултатите од имплементирањето на овој проект.
„Во однос на полицијата тоа се развој на концептот за човекови права за полицијата, воспоставување мрежа на обучувачи за човекови права во рамки на полицијата, натамошно развивање на регулаторната и оперативната рамка за спречување на несоодветно постапување од страна на полициските службеници и набавка на опрема и мебел за подобрување на материјалните услови. Во однос на затворите е изготвена Национална стратегија за периодот 2015-2019 година, воспоставен структура за обука со акцент на управување со затвори, воведени се процедури за проценка на ризик и изготвена е нова програма за третман на осудени лица, зајакната е внатрешната контрола во затворите“, истакна тој.
Проектот е спроведен во соработка со министерствата за правда и за внатрешни работи, кои се главните проектни корисници. Вкупниот буџет на проектот изнесува 2,1 милион евра, од кои 1,8 милиони евра се обезбедени од ЕУ, 100.000 евра од Советот на Европа и 200.000 евра од Владата.
Во рамки на проектот, во тек е актуелна кампања „Правата да се уживаат, обврските да се почитуваат“. Таа има за цел да обезбеди информации на граѓаните во врска со нивните права во полициските постапки и функционирањето и развојот на системите за спречување и контрола на полицијата.