Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, и Амбасадорот на Словачка Република, Н.Е Мартин Безак денес ја потпишаа Административната спогодба за спроведување на Договорот меѓу Република Македонија и Словачка Република за социјално осигурување.
Со Административната спогодба се уредува начинот и постапката на остварувањето на правата од социјално осигурување, надлежните институции и органите за врска за спроведување на Договорот.
Договорот за социјално осигурување меѓу Република Македонија и Словачката Република се потпиша минатата година во Братислава. Договорот е ратификуван од парламентите на Република Македонија и Словачка Република и стапува на сила од 1 декември 2015 година.
Со стапувањето на сила на Договорот се регулираат односите во областа на социјалното осигурување меѓу Република Македонија и Словачка Република и остварувањето на правата од осигурување за граѓаните на овие две држави и членовите на нивните семејства. Договорот содржи одредби за права од пензиското и инвалидското осигурување, здравственото осигурување, осигурување во случај на невработеност, детски додаток и осигурување во случај на повреда на работа и професионална болест.
Министерот Спасов и амбасадорот Берзак на заедничката средба изразија задоволство од потпишувањето на спогодбата и потенцираа ќе продолжат заедничките иницијативи во интерес на граѓаните на двете земји.
Република Македонија досега како самостојна држава има применува 19 Договори за социјално осигурување.