Во недостиг на првата постава на клубот, стрелците од СК „Охрид“ кои настапија на Меѓународниот Турнир „Пирин“ 2015 кој се одржа викендов во Благоевград, мораа да се задоволат со пласман од 5-тата до 11-тата позиција.
Резултатите се следни:
Во категорија на јуниорки, младата Мартина Петровска за која воедно ова е прв настап на меѓународен турнир надвор од нашата држава и која за неполна година се искачува во врвот на македонското стрелаштво, со резултат од 393,9 круга, се пласира на шестата позиција, додека пак Јана Маркоска се пласира едно место подолу од неа со резултат од 392,5 кругови.
Солиден настап и на младите јуниорки (13 години), за кои ова е прв настап на меѓународна програма, а воедно и прв настап на меѓународен турнир. Најдобро пласирана беше Мартина Кочовска со резулат од 356,3 кругови на петтата позиција, Стефани Ефтимовска се пласира на шестата позиција со резултат од 354,7 додека Луана Поповски се пласира на седмата позиција со резултат од 332,1 круг.
Останатите членови на клубот Иво Илинчев, Мила Василевска и Симеона Милеска се пласираа на осмата, десеттата односно единаесетта позиција.
Учеството на ваквите меѓународни турнири е од големо значење за одржување и подобрување на спортската форма на стрелците, стекнување на нови знаења, искуства и вештини, бидејќи тука учествуваат репрезентативци и носители на квоти за Олимпијадата во Рио од кои има што да се научи.