Олеснување кај матичните лекари – побрза реализација на превенцијата Размена на податоци за резултати од лаборатории ЛУ 1 по електронски пат

Воведување на превенција за кардиолошки, нефролошки болести и дијабетес кај матичните лекари е со цел да се придонесе кон намалување на бројот на идни пациенти заболени од овие болести, односно да се преземат сите превентивни активности за оваа ризична група на осигуреници да не ги развие овие заболувања и да се влијае на намалување на пациенти кои ќе завршат на дијализа, инсулинска терапија, како и да има помалку пациенти со срцеви и мозочни удари. За стимулирање на оваа активност секој матичен лекар преку Фондот добива 20% од капитацијата секој месец.

„До имплементацијата на новиот софтвер кој го презентиравме во месец август, процесот на спроведување на превентивни цели кај матичните лекари одземаше многу време поради обемна административна процедура. Со новиот софтвер се заменува употребата на досегашните хартиени обрасци. Имено, матичниот лекар за секој пациент досега печатеше 7 хартиени обрасци. Тоа изнесува повеќе од 9 милиони печатени обрасци за две години кај матичните лекари. Со софтверското решение овозможивме целосно електронско работење и исфрлање на хартијата од употреба за превентивните цели. Бенефит од ова имаат матичните лекари кои заштедуваат околу 6 милиони денари годишно за тонери, хартија, принтери и сервисирање.

Најавивме дека матичните лекари ќе ги поврземе со сите лаборатории од примарно ниво, со кои Фондот има склучено договор.“– велат од ФЗОМ.

Oд 16.11.2015 година ќе започне да функционира ова дополнително олеснување за лекарите и пациентите. Имено, резултатите од крвните анализи директно ќе бидат прикажани на софтверот на матичните лекари и пациентот нема да има потреба да оди во лабораторијата по резултати и потоа истите да ги носи кај матичниот.

„Во текот на една година околу 650.000 осигуреници потребно е да извршат превенција, а со овој софтвер, скратуваме потенцијални 1.300.000 посети во лабораторија и матичен лекар. Ќе има заштедата во време и пари т.е. станува збор за заштеда на огромни средства.

Избраните лекари по електронски пат ќе ги добиваат резултатите од лабораториските наоди потребни за превенција и тоа за: ниво на гликоза во серум, ниво на серумски креатинин во крв, ниво на вкупен холестерол во крвта, вредност добиена од испитување на OGTT( орален гликоза толеранс тест) , присуство на протеини во урина.

Со новото софтверско поврзување го кратиме времето кое е потребно за вршење на превентивните прегледи, се елиминира уште една посета кај матичниот лекар и лабораторија. Матичниот лекар ќе има увид во резултатите и доколку постои лабораториско испитување не постаро од 90 дена, согласно правилата за превенција ќе ги искористи резултатите, без притоа непотребно да се испраќа пациентот за уште една лабораторија. Со овој начин се штити и пациентот и здравствениот систем.“– додаваат од Фондот.

Со новиот начин на работа превенцијата ќе изгледа вака: на пациентот кој е повикан за превенција ќе му биде измерен притисок, висина, тежина, ќе се направи ЕКГ, ќе се земат лични и фамилијарни анамнестички податоци поврзани со заболувањата (кардио, нефро и дијабетес). По ова матичниот лекар ќе му издаде упат за лабораториско испитување кое во нашиот систем ќе го означи дека е за превенција. Во лабораторијата кога ќе се издаваат резултатите системот ќе препознае дека за овој осигуреник потребно е резултатите да се запишат во системот. Потоа системот ќе го извести матичниот лекар дека резултатите за осигуреникот се готови и матичниот лекар ќе ги искористи да ја доврши превенцијата и да добие ризик-скор. Вака осигуреникот нема потреба да се враќа кај матичниот лекар. Доколку ризик-скорот го класифицира осигуреникот во низок ризик од овие заболувања, завршува епизодата за превенција. Доколку ризик-скорот го класифицира во висок ризик од можност од заболување, тогаш матичниот лекар ќе го контактира пациентот и ќе закаже преглед на специјалистичко консултативно ниво на здравствена заштита.

Со овој софтвер кој се имплементираше во Фондот за здравствено осигурување се овозможи интеграција на матичните лекари и лаборатории. Сега ефикасно и навремено со една посета кај матичен лекар и лабораторија, на осигурениците ќе им биде извршена скрининг-превенција и добивање на проценка од можност за добивање на кардио-васкуларно и нефролошко заболување и дијабетес.

Придобивките од софтверот се следниве:

• Електронска размена и достава на податоци

• Прегледност на податоците

 Конзистентност на добиените податоци

• Ефикасност во работењето на ФЗОМ и избраните лекари

• Една посета на избран лекар од страна на осигурениците

 • Нема повеќе шетање на осигурениците од лабораторија кај избраниот лекар

• Побрза реализација на превентивни цели

• Задоволни осигуреници

• Задоволни избрани лекари.

DSC06652