Бугарската ИТ компанија Мусала Софт, која веќе почна да работи во Македонија со 10-тина лица, до 2019 година планира да отвори 300 работни места и да вложи над 20 милиони евра, најави денеска вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.
„Како резултат на напорите што ги прави Владата и Агенцијата за привлекување на странски инвестиции компанијата Муслал Софт почнува со работа во Македонија. Планира во земјава да отвори над 300 нови работни места до 2019 година. Воглавно ќе биде вработен висококвалификуван кадар кој ќе работи на развој на најсофистицирани софтверски производи“, рече Пешевски на прес-конференција во Владата.
Тој посочи дека Мусала Софт соработува со најдобрите светски компании од информатичката и телекомуникациската област, а нивни клиенти се Дојче Телеком, ДХЛ, ИБМ, ОМВ…
„Она што ќе се произведува во Македонија 100 проценти ќе биде наменето за извоз. Знаењата што ќе ги стекнат вработените низ работата во оваа компанија ќе може да ги применуваат насекаде“, рече Пешевски, посочувајќи дека тоа ќе претставува предизвик за многу млади образовани луѓе.
Потенцира дека Владата и понатаму ќе остане фокусирана на привлекување нови странски инвестиции и додаде дека годинава има најави за инвестици на целата територија на државата како што се Гентерм во Прилеп, Кондево и Текникал Тексталјс во Штип, Амфенол во Кочани и Виница, ОДВ Електрик во Охрид,…
„Со текот на годините постепно ќе го префрламе фокусот на компании како Мусала Софт кои се од индустрии каде има поголем степен на додадена вредност, бидејќи тоа е патот за позабрзан економски развој“, потенцира Пешевски.
Претседателот на Мусала Софт Елена Маринова посочи дека во компанијата веќе работат повеќе од 10 висококвалификувани стручни лица и најави дека во иднина брзо ќе се шират во Македонија, а фокус ќе им бидат помладите кадри.
„Во Македонија во моментов вработуваме мал број на луѓе, но висококвалитетни и со големо искуство и ги позицираме на битни позиции. Тоа го правиме за да можеме понатаму да се шириме. Сите минуваат низ нашата внатрешна корпоративна обука и ќе продолжиме да го правиме тоа и откако ќе се прошириме во Македонија“, појасни Маринова.
Нагласи дека имаат прогами за обука на млади и повозрасни луѓе, но фокусирани се на помладите за што, како што рече, имаат и партенрство со Владата.
„Во Бугарија имаме успешни програми со кои ги обучуваме луѓето што доаѓаат од другите индустрии каде ставката на невработеност е голема и ги пренаменуваме нивните вештини кон ИТ секторот. Се надеваме дека тоа ќе го направиме и во Македонија“, потенцира Маринова.