Заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, во изјава за медиумите истакна:
„Ужаснати сме од серијата терористички напади кои што се случија во Париз доцна синоќа и сочуствуваме со болката на семејствата и на сите граѓани на Франција кои што се обединети во пораката дека нема да дозволат да живеат во страв. Денес и претседателот на СДСМ, Зоран Заев, испрати телеграма на сочуство до францускиот претседател, г-дин Оланд за големата трагедија која што се случи на француската нација и која што го загрози начинот на живот во сите слободарски држави во Европа. Факт е дека Р. Македонија е обединета во таа порака дека ваквото тероризирање, ваквата трагедија, ваквото насилство не смее повеќе да се случува.
Сите сме сведоци дека тероризмот стана закана за начинот на којшто живееме и за универзалните вредности кои сите ги споделуваме на еднаквост, на слобода, на солидарност. Затоа денеска сакаме да испратиме уште една порака на солидарност кон францускиот народ, кон сите нејзини граѓани. Европа и сите слободарски држави се едногласни во пораката дека заедно ќе се спротиставиме на теророт.
Заедно ќе се спротиставиме на нивната цел да живееме во страв и да живееме спротивно на вредностите кои сите ги споделуваме. Р.Македонија и сите нејзини граѓани во овие моменти на тага се заедно со граѓаните на Франција и сметаме дека само со ваков начин, обединети со силата на овие универзални вредности слобода, еднаквост и солидарност ќе ставиме крај на оваа дивеење на насилството.“– изјави Шекеринска.