За време на вчерашните средби во Конгресот и во Сенатот на САД, министерот Јолевски доби пофални зборови за реформите, како и за стратешкото партнерство меѓу Македонија и САД во областа на одбраната. Тој оствари средби со конгресмените Мајк Роџерс, Роберт Витман, Бил Пакрел, Мајкл Конавеј, Трент Френкс, Џеф Милер и со сенаторот Џек Рид.
Македонија треба да е со двете нозе во НАТО, рече конгресменот Паскрел и додаде дека она што го прави Македонија и македонските војници, покажува дека е достоен партнер на Соединетите Американски Држави. И другите конгресмени се сложија со фактот дека Македонија иако е мала земја дава огромен придонес во мировните операции поддржани од НАТО во насока на одржување на мирот, стабилноста и безбедноста. Токму затоа и поради новите безбедносни промени во Европа, потребно е Македонија да биде дел од Алијансата. Се надева дека некои земји ќе разберат дека сега се работи за безбедноста, што е најважно во овој момент, рече Конгресменот Милер.
„Приемот на Македонија во НАТО ќе придонесе за зајакнување на безбедноста во целиот регион и Европа“, рече министерот Јолевски. Тој додаде дека сега сме исправени пред голем предизвик. Мигрантска криза и појавата на екстремисти на тлото на Европа јасно покажува дека потребно е да се работи заеднички со цел сузбивање на тероризмот.
Сенаторот Рид рече дека не треба да се обесхрабруваат земјите да станат дел од НАТО, напротив потребен е пример кој ќе покаже дека вратите на НАТО се отворени и за останатите што сакаат да се приклучат.
Во рамки на програмата од посетата на САД, министерот Јолевски синоќа во Театарот Гринберг, се заблагодари за несебичната поддршка на САД кон Македонија во изминативе години. Тој го најави концертот во организација на Министерството за одбрана, посветен на Денот на благодарноста, „Благодарност на Македонија кон граѓаните на Соединетите Американски Држави“. Нашиот врвен уметник, Влатко Стефановски со прекрасна изведба на нумерите: Јовано Јованке, Кандилце, Калајџиско оро, Македонско девојче, Скопје, итн., ја понесе публиката на една прошетка низ Македонија.