„Односите со јавноста и градењето имиџ и градењето доверба кај граѓаните“, беше тема на работилницата што вчера се одржа во СВР Охрид.
Целта на работилницата и пригодните предавања што ги следеше целокупното раководство на СВР Охрид и на полициските станици од Охрид, Струга, Кичево и Дебар, беше поблиско запознавање со организацијата на односите со јавноста, запознавање со алатките за односи со јавноста и со комуникациските вештини како и подобрување на транспарентноста на полицијата и ефективна внатрешна и надворешна комуникација. Пред присутните раководители, се зборуваше и за комуникациската стратегија на Министерството, поблиско и поконкретно се зборуваше и за улогата на портпаролот во Секторите за внатрешни работи, се изврши поблиско познавање на работата на медиумите и новинарите со цел подобрување на меѓусебните релации и градење партнерски односи. Една од целите на работилницата беше подобрување на аналитичките и комуникациски вештини на припадниците на полицијата, подобрување на методите за проценка, расудување и акција и потребата од тимска работа.
Предавачи на вчерашната обука беа Јелена Јаневска експерт за односи со јавноста и портпаролите на СВР Охрид и СВР Битола Стефан Димоски и Сања Стаматова.
Организатор на работилниците за односи со јавноста што се реализираат во сите СВР низ земјата е Министерството за внатрешни работи на Република Македонија и мисијата на ОБСЕ во земјава.