Дефинирани визијата и поединечните цели за туристички развој на Охрид

Во просториите на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, на 19 и 20 ноември 2015 година, се одржа дводневен работен состанок на Координативното тело за изработка на стратегија за туризам, иницијатива поддржана од ИМЕ-Програмата на SWISSCONTACT. На состанокот присуствуваа членовите на Координативното тело именувани од Општина Охрид, од Стопанската комора на Македонија, јавните претпријатија од регионот на Општина Охрид, институциите поврзани со туризмот и културното наследство, како и претставници на туристичко-угостителските објекти.

Целта на овој состанок беше да се обединат на едно место сите активни чинители од сферата на туризмот и преку консултативен процес да се дефинираат визијата и целите за развојот на охридскиот регион како туристичка дестинација. Во текот на средбата беше составена SWOT-анализа која во себе ги интегрира сите елементи кои се од особено значење за институциите и за бизнис-секторот, а во насока на реализирање на претходно дефинираните цели поврзани со развој на туризмот.

Туризмот како сектор ангажира значителна работна сила и во таа насока на оваа средба особен акцент беше даден на развојот на човечкиот потенцијал во сферата. Имено, подетално беа претставени активностите кои Стопанската комора на Македонија преку Бизнис центарот за тренинг и обука ги презема во развојот на човечките ресурси. Посебен акцент беше ставен на обуките од туристичко-угостителската струка, како и кратките курсеви за подобрување на т.н. „Soft skills” за туристичките работници. Присутните беа согласни дека постои недостаток од квалификувана работна сила на сите позиции и дека наредниот период треба активно да се работи на едукацијата во таа сфера. Наредниот период планирани се дополнителни тематски работни состаноци кои ќе помогнат во позиционирањето на Охрид и охридскиот регион како туристичка дестинација.

Борис Тримчев