Средба на директорот на БЈБ Горанче Савовски со Хаки Чако, директор на полицијата на Република Албанија

„Од суштествено значење е соработката со соседните држави преку размена на информации на регионално и меѓународно ниво како и иницирање и водење на заеднички истраги со цел ефикасно сузбивање на сите форми на сериозен и организиран криминал. Праксата покажа дека целосното документирање и сузбивање на случите на организиран криминал и сузбивање на организираните криминални групи кои делуваат на подрачјето на две или повеќе држави  претставуваат закана за целиот регион и пошироко е можно единствено со водење меѓународни заеднички истраги  преку кои ќе се разменуваат информации и докази помеѓу надлежните полициски служби и Јавните обвинителства“.

Ова, меѓу другото, го истакна Директорот на БЈБ, м-р Горанче Савовски на денешната средба во Валона , Република Албанија со директорот на албанската полиција Хаки Чако.  На средбата двајцата директори ја потенцирале одличната соработка што ја имаат полициите на соседните земји, особено на полето на прекуграничната соработка, како и успешно спроведување на имплементациските протоколи на Конвенцијата за полициска соработка во ЈИЕ, но и заедничкото учество во регионалните иницијативи. 

На средбата, исто така, беше разговарано и за формирање на заеднички истражни тимови,  размена на информации за лица вклучени во организиран криминал, сознанија за врските помеѓу осомничените лица во врска со вршење кривични дела, посебно недозволена трговија со дрога и оружје, културно наследство,  насилен криминал и криумчарење, методите и новите форми на прекуграничниот криминал, рутите на транспорт и слично.