Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денес, заедно со владина делегација во чиј состав се вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, и заменик министерот за економија, Христијан Делев, учествуваше на 4-тиот Самит на шефови на влади на земјите на Централна и Источна Европа и НР Кина (16+1) и 5-тиот Економско-трговски форум што се одржува во градот Суџоу, Народна Република Кина.
Премиерот Груевски имаше свое обраќање на Самитот на шефови на влади каде се присутни 16 делегации од држави од Источна и Централна Европа и домаќинот, кинескиот премиер Ли Кечијанг.
Претседателот на Владата Груевски истакна дека Република Македонија и НР Кина ги поврзува традиционалното пријателство чии билатерални односи континуирано бележат нагорен тренд, но и зголемена соработка во реализација на важни проекти во рамките на Централно-европската иницијатива.
Тој посочи дека во рамките на посветеноста на НР Кина на процесот на соработка со земјите од Централна и Источна Европа и отвореност на кинеската економија за поблиски релации со нив, Република Македонија ја препозна и прифати можноста понудена од страна на кинеската влада за финансирање на инфраструктурни проекти во рамките на формираниот фонд со Варшавската иницијатива.
Премиерот Груевски истакна дека Република Македонија е првата држава која потпиша конкретен договор за искористување на дел од предвидените средства за овој регион, имплементирани во изградбата на двете нови автопатски делници Скопје-Штип и Кичево-Охрид кои во моментов се во фаза на изградба.
Македонскиот премиер се осврна и на можностите за идна соработка и реализација на проекти кои се од големо значење за државата и регионот.
Низ територија на Македонија минуваат важни европски коридори и постои голем интерес нашата земја да се вклучи во нови заеднички инфраструктурни проекти во рамките на Процесот на соработка 16+1. Македонија успева да сочува стабилна макроекономска политика и да постигнува одлични резултати признати од реномирани меѓународни финансиски институции. Владата на Република Македонија е цврсто посветена на привлекување на странски инвестиции, и е отворена за кинеските инвестиции, изјави Груевски во своето обраќање.
Тој ја изрази и увереноста дека со заеднички заложби ќе се унапреди севкупната взаемна соработка меѓу Република Македонија и НР Кина, во интерес на економската стабилност, заедничкиот просперитет на регионот и благосостојба на народите.
Кинескиот премиер Ли Кечијанг изјави дека соработката на НР Кина со државите од Централна и Источна Европа е пример за исклучителна посветеност и искористување на расположливите потенцијали.
НР Кина е заинтересирана за инвестиции во инфраструктурата особено во делот на инвестирање во патишта и железница, градежништвото, информатичките технологии, земјоделието, а досегашните самити покажаа дека секоја од владите работи напорно за достигнување на понапредни нивоа на соработка, изјави кинескиот премиер Ли.
Тој посочи и дека НР Кина продолжува да биде стратешки партнер на земјите од Централна и Источна Европа и интензивно работи на поттикнување на кинеските компании да инвестираат во проекти во тој регион и дека очекува таквата соработка неколкукратно да се зголемува во периодот што следи.
Политичката доверба на страните го сигнализира огромниот потенцијал за економска соработка, трговија и инвестирање со и во земјите на Централна и Источна Европа. Во моментот кинеските компании се подготвени за инвестирање во државите во Европа, инвестицискиот пакет е 5 милијарди долари и мислам дека инвестициите би растеле за половина од оваа сума во наредниот период, изјави премиерот Ли.
Во рамките на Економско-трговскиот форум во градот Суџоу каде се присутни над 1000 стопанственици и претставници на компании од Кина и 16 држави од Централна и Источна Европа учествуваат и претставници на повеќе македонски компании организирани од Сојузот на стопански комори. Форумот претставува можност за создавање на конекции за соработка и запознавање со бизнис климата и можностите кои се нудат за инвестирање и за зголемување на трговската размена.