Олеснување на казнената политика – нови поволности во работењето на матичните лекари и стоматолозите

Целта на релаксирање на казнената политика и воведување на опомената како прва мерка е од особена важност за зајакнување на партнерските односи со матичните лекари. Опомената ќе замени голем дел на казни кои се изрекуваа од Фондот за технички грешки на матичните лекари, со што сакаме да ја зајакнеме партнерската улога со лекарите.

Измените се следни:

Осум договорни казни од ¼ капитација ги префрливме во опомени. Опомената ќе важи само доколку првпат се направи повреда на договорот, а доколку повторно се случи, тогаш се изрекува договорна казна и тоа во следниве случаи:

– На матичниот лекар му фали една ампула или таа е со истечен рок од задолжителната ампуларна терапија.

– Доколку матичниот лекар не го извести Фондот за промена на адреса и промена на тимот во рок од 20 дена.

– Доколку здравствената установа не го почитува работното време.

– Доколку матичниот лекар заборавил да евидентира датуми на аплицирање на ампуларна терапија или пак пациентот не му се потпишал на рецептот.

– Доколку матичниот лекар не го чува образецот за избор на пациент во здравствениот картон. На Фондот му е доволно само да постои образецот.

– Доколку матичниот лекар погрешно пресметал и наплатил партиципација која не надминува 50,00 денари повеќе од дозволеното, во тој случај иако станува збор за незначителни средства, доволно е истите да ги врати на пациентот, откако ќе увиди дека е настаната грешка.

– Доколку матичниот лекар направи техничка грешка и за лек кој е препорачан од специјалист/субспецијалист, на рецептот го згреши факсимилот (бројот на специјалистот/субспецијалистот).

– Доколку препише повеќе кутивчиња од лекот од максималната годишна количина, но вредноста не надминува 500,00 денари годишно. Во пракса се случуваше да за хронични пациенти понекогаш се издаваат една до две повеќе рецепти од потребното, а за тоа матичниот лекар беше ставен во неповолна положба помеѓу потребата на пациентот и подзаконскиот акт на Фондот, кој дозволува хронична терапија онолку колку е потребно. Вака ќе биде полесно и за оние пациенти кои од разни причини ја изгубиле својата месечна терапија.

„Намаливме три договорни казни, кои наместо 1/2 капитација од фиксниот дел ги намалуваме на 1/4 капитација од фиксен дел.

– Здравствената установа ќе се казни само доколку погрешно пресметала и наплатила партиципација – 50,00 денари повеќе од дозволеното. Сметаме дека понекогаш се прават грешки, но доколку пациентот се оштети повеќе од 50 денари, само тогаш ќе изрече казна на здравствената установа во висина на ¼ капитација. 

– На здравствената установа ќе и биде изречена казна доколку пропише лекови од максимално дозволените количини, повеќе од 500 денари на годишно ниво. Во пракса, ова значи дека матичниот лекар нема да биде казнет доколку му препише повеќе кутивчиња од лекот од дозволеното, но таа вредност да не надмине 500 денари годишно.

– Доколку здравствената установа не презела никаква активност за комплетирање на тимот, најчесто се однесува на вработување на медицинска сестра по заминување на постоечката, во рок од 35 дена, во тој случај здравствената установа ќе биде казнета. Напомнуваме дека ова се однесува само за намерно непревземање активност за комплетирање на тимот.

Бришеме две договорни казни:

– Едната е за упатување на повисоко ниво на здравствена заштита. Ова го правиме поради тоа што матичните лекари од 2012 година па наваму го апсолвираа начинот на упатување на специјалисти и клиники, а воедно и начинот на упатување е вклучен во националниот сервис за закажување „Мој термин“ и затоа сметаме дека за ова повеќе нема потреба од казни.

– Втората се однесува на бришење одредба од договор за која матичните лекари долго време не критикуваа, а се однесува на тоа да Фондот може да изрече казна за нешто што не го предвидел. За нешто што навистина после 18 години постоење на договори со здравствените установи, не сме го предвиделе, сметаме дека за такво нешто не треба да биде казнет ниту еден лекар.“- велат од ФЗОМ.

Во делот на заштита на пациентите, Фондот во договор со Стоматолошката и Лекарската Комора на Македонија и со ЗПЛРМ воведе нова договорна казна која ќе значи превентивна мерка и заштита од злоупотреба на наплата на пациентите.

Фондот сепак мора да има максимална контрола во делот на наплата на пари и затоа од 1.1.2016 на секој матичен лекар во примарна здравствена заштита, кој незаконски ќе наплати пари на пациентот, ќе треба да ги врати парите на пациентот и ќе биде казнет во износ од три месечни капитации во фиксен дел (210% на ниво од капитација). Ова се однесува на здравствени услуги кои Фондот ги плаќа на матичните лекари преку капитацијата секој месец и затоа не смее да се случи пациентите да бидат оштетени.

„Заедничката соработка со матичните лекари е од суштинско значење и принципиелно е сите партнери да бидат задоволни од меѓусебната соработка. Во таа насока направивме дополнителен сет на олеснувања кои се однесуваат на следниве сегменти:

Го зголемуваме лимитот за пропишување на лекови и антибиотици од 400 на 480 денари по поен, во пракса, ова ќе значи послободно издавање на рецепти за хронично болните пациенти. Од нашата анализа увидовме дека околу 200 матични лекари имаат проблем со износот на издадениот број на рецепти, затоа што кај нив има огромен број на хронични пациенти и деца кај педијатарите, кои имаат потреба од поголем број на лекови. Од 01.01.2016 година со зголемениот лимит, повеќе нема да се намалува капитацијата за прекорачување. Досега во просек секој матичен лекар можеше месечно да пропише вредност на лекови од 70.000 денари за своите пациенти, а од 1.1.2016 ќе може да пропишува лекови во вредност од 84.000 денари.

Целта на Фондот е осигурениците секогаш да добијат квалитетни и евтини лекови на рецепт и затоа со посебна мерка ги стимулираме матичните лекари да одвојат време и да им укажат на пациентите кои се лековите без доплата за неговата болест. За таа намена доколку 40% од реализираните рецепти се лекови без доплата, тогаш Фондот нема да ја контролира целта рационално пропишување на лекови и антибиотици. Доколку пациентите подигнуваат лекови без доплата, Фондот е сигурен дека матичните лекари одвоиле доволно време за потребите на пациентот и ги објасниле саканите и несаканите ефекти од користење на лекови и антибиотици.

Ја намалуваме администрацијата во делот на известување за прекин на работен однос на матичен лекар и така да наместо матичниот лекар да ја известува и подрачната служба и централата на Фондот, од 1.1.2016 со известување на едно место, Фондот ќе ги преземе сите дополнителни активности по службена должност, како што е контрола во ординацијата за извршените превентивни мерки и активности, исплата на заостанатите средства и порамнување на финансиската состојба.“- велат од Фондот.

Во новиот анекс на договор направен е крупен исчекор во делот на можноста матичниот лекар да користи породилно отсуство или долготрајно боледување до 270 дена, без притоа да се грижи за состојбата на ординацијата, пациентите и медицинската сестра.

„Имено, од 01. 01.2016 доколку матичниот лекар не може да вработи своја замена во ординацијата, тогаш, неговата редовна секојдневна замена може да ја преземе медицинската сестра, а со тоа и да ги опслужува сите пациенти и за тоа ќе биде исплатен. Оваа измена е етичка и хумана, затоа што досега замената на матичниот лекар требаше покрај своите да ги опслужува и пациентите на лекарот кој е отсутен, без да биде платен од страна на Фондот.

Изготвувањето на овој анекс за договорите за 2016 година, го направивме заедно со Здружението на приватни лекари на Македонија, со Лекарската и Стоматолошката Комора на Македонија кои изразија огромно задоволство од новините и олеснувањата предвидени во новиот анекс на договори и истите го прифатија без никаква забелешка. Претставниците на еснафските здруженија го препознаа овој анекс како добра волја од страна на Фондот да им излезе во пресрет на лекарската фела и здравствените работници.
Анексите на договорите, Фондот ќе ги склучи со здравствените установи во електронска форма, преку користење на електронскиот потпис, што е олеснување за здравствените установи кои штедат време, пари и човечки ресурси и сега работата ја вршат од канцеларија.“-  додаваат од ФЗОМ.

Фондот за здравствено осигурување на Македонија и понатаму продолжува да биде рамноправен партнер со здравствените установи и заеднички да работи на зајакнување на превенцијата и раното дијагностицирање на заболувањата на осигурените лица, како и обезбедување на поквалитетно и подостапно здравство за сите осигуреници и квалитетни работни услови за здравствените работници.