Подготвени да придонесат кон глобалниот мир и стабилност – испратени контингентите во мисиите Одлучна поддршка во Авганистан и АЛТЕА во БиХ

Во рамките на долгогодишниот и значаен придонес на Република Македонија кон глобалниот мир и стабилност, денес со официјална церемонија беше одбележана нова редовна ротација на македонски контингенти во рамките на мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан и во мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина.

Во рамките на мисијата „Одлучна поддршка“ 13 македонски мировници ќе бидат распоредени во Командата за обука, советување и асистенција во главниот град, Кабул. Тие се дел од македонскиот контингент во мисијата „Одлучна поддршка“, каде Република Македонија придонесува со вкупно 39 припадници.

На свеченоста по повод испраќањето на двата контингенти, министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски посочи дека за Министерството најважно е Република Македонија достојно да биде претставена во меѓународните мировни мисии и сите припадници на АРМ здрави и живи да се вратат назад кај своите семејства.

„Вие сте високо обучени и јас сум сигурен дека одлично ќе ги завршите дадените должности и задачи“, посочи Јолевски.

НАТО и земјите партнери, рече министерот, се насочени кон зајакнување на Авганистанските безбедносни сили и со цел тие да ја преземат целосната одговорност за безбедноста на Авганистан.

Началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски посочи дека офицерите упатени во мисии се најдоброто што Армијата го има во своите редови. Тој додаде дека процесот на селекција е транспарентен, што овозможува избор на најдобрите од најдобрите.

На свеченоста присуствуваше и амбасадорот на Република Турција во Република Македонија, Шолендил, имајќи предвид дека овој дел од македонскиот контингент е распореден заедно со турските сили. Тој посочи дека Република Македонија заслужува да биде дел од НАТО алијансата.

„Не радува што македонските војници веќе одреден период служат со турските сили во Авганистан“, рече амбасадорот.

Воедно, со денешната церемонија официјално се одбележува и упатувањето на 2 штабни офицери во мисијата АЛТЕА, Босна и Херцеговина, во рамките на долгодишниот придонес на Република Македонија кон оваа мисија на Европската Унија.

DSC_0060_resize (1)