Охрид ќе биде дел од акцијата Ден на дрвото – засади ја својата иднина

По повод акцијата, Ден на дрвото – засади ја својата иднина, утре напладне претставници од општина Охрид ќе засадат садници од видот лагистремија во непосредна близина на споменикот на Светите Кирил и Методиј кај градскиот парк.

На денот на Дрвото во среда- 3 декември 2015 година во Охрид ќе се пошумува на локалитетот Мауцкер каде ќе бидат засадени 8 000 садници македонски даб. На просторот од Билјанини извори до населбата Св. Стефан, меѓу двете коловозни ленти на булеварот „Св. Наум Охридски“ ќе се засадат 500 стебла аризонски чемпрес. На патеката од каналот Студенчишта до хотел Парк ќе се садат садници од декоративното дрв, каталпа а на влезот од Охрид и по ул. „Туристичка“ ќе бидат засадени 50 садници од цветен јапонски багрем.

Во акцијата во среда покрај претставници од Општината и јавните претпријатија ќе се вклучат и учениците од основните и средни училишта во градов.

За сите заинтересирани граѓани организиран е бесплатен превоз до локалитетот Мауцкер. По еден автобус во 9 и 11 часот ќе тргнуваат од пред зградата на Општина Охрид. По два автобуси во 9 и 11 часот ќе тргнуваат од пред гимназијата „Св. Климент Охридски“ , ДТУ „ Ванчо Питошески“ и ЕМУЦ „Св. Наум Охридски“.

Акцијата Ден на дрвото- засади ја својата иднина , е во организација на Владата на Република Македонија со сите надлежни министерства, Заедницата на локалната самоуправа (ЗЕЛС), општините, ЈП „Македонски шуми“ и граѓанското здружение „Ден на дрвото засади ја својата иднина“.

Мотото на годинешната акција Ден на дрвото- засади ја својата иднина е „Засади успех“. Идеен творец, долгогодишен претседател и актуелен почесен претседател на акцијата е маестро Борис Трајанов кој во 2008 година поведе група ентузијасти кон засадување нова еко- иднина и го поттикна формирањето на граѓанското здружение „Ден на дрвото- засади ја својата иднина“.