Во ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“ се одржа Државниот избор на најдобар ученик во струката

Во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ денеска се одржа Државниот избор на најдобар ученик во струката од завршните години во стручното образование во Република Македонија од областа на електротехниката, машинството и сообраќајот. На почетокот на натпреварот, пред учеснисниците и нивните ментори, како и претставниците на Министерството за образование, Центарот за стручно образование и Електро- техничкиот факултет при Универзитетот „ Св. Кирил и Методиј“ , се обрати заменик градоначалникот Ангел Јанев.

„Уверен сум дека овој проект за избор на најдобрите во струката ќе ги мотивира учениците и наставниците преку натпревар да ги одмерат знаењата, енергијата и желбата да се биде најдобар.Преку ваквите натпревари, училиштата со поддршка на општествената заедница, обезбедуваат квалитетно стручно образование и обука која одговара на современите потреби на пазарот на трудот и зголемување на стапката на вработеност.Оваа определба е важна не само за актуелната сегашност туку и за во иднина, бидејќи во услови на забрзан економски развој и привлекување на странски инвестиции, најважно е да се има квалификувана работна сила.Ние повозрасните,наставниците, работодавачите и општествено одговорните чинители , треба да Ве научиме дека инспирацијата,мотивите, одржувањето на вниманието,покренувањето акции, отворањето и потсрекнувањето на нови активности, се темелите врз кој се развива лидерството. Токму тој предизвик да се биде најдобар ги мотивира и другите да ги следат Вашите чекори, а бенефит од сето тоа ќе имате Вие, но и пошироката заедница“– рече во обраќањето заменик градоначалникот Ангел Јанев.

На изборот на најдобар ученик од струката од областа на електротехниката,машинството и сообраќајот, што е дел од проектот „ Лидер“ , учесниците се натпреваруваа во теоретски знаења и практични вештини.