Познати добитниците на наградите од литературниот конкурс

Литературните творби „Охрид во чест на Свети Климента“ под шифра „Триконхос“ и „ Ѕвездата кон Бога“ под шифра „АЕИ 321“ се добитници на наградите на Литературниот конкурс, кој по повод 8 Декември- Денот на Свети Климент Охридски- Патронот на Охрид, за учениците од охридските основни и средни училишта, го распиша градоначалникот Никола Бакрачески.

Добитниците на наградите, авторството треба да го докажат со третиот примерок и потврда дека се редовни ученици во некое од основните и средните училишта во Охрид, кои најдоцна до утре, 4.12.2015 година ( петок) треба да ги достават до Одделението за култура во општина Охрид. На добитниците, наградите во вредност од 3.000 денари, ќе им бидат врачени на 7.12.2015 година (понеделник) во 13 часот во Спомен куќата на Григор Прличев.

На конкурсот пристигнаа 54 литературни творби од ученици од основните и средните училишта, од кои жири комисијата составена од писателите Смиле Наумоски, Маја Мојсова и Гоце Ѓоршовски, ги одбра двете најдобри.