Реконструирана Галеријата „Никола Мартиноски“ и ограден Македониумот во Крушево

Целосно е завршено реконструирањето на Галеријата „Никола Мартиноски“ во Крушево, a завршува и обновата на уште една фасада на куќа од староградска архитектура, досега седма во овој град. Направена е и ограда околу Македониумот – споменикот на Илинден, кој ќе почне да се реконструира откако ќе заврши тендерската постапка.

По повод овие проекти кои се реализираат со средства од Министерството за култура, Крушево го посети министерката Елизабета Канческа-Милевска.

На промовирањето на реновираната Галерија „Никола Мартиноски“, која го носи името на познатиот крушевчанец, еден од основоположниците на современата македонска ликовна уметност, Канческа-Милевска соопшти дека објектотот е целосно уреден надворешно и внатрешно.

„Реконструкцијата опфати партерно уредување, оградување на просторот, завршена е и фасадата во првата фаза – во уредувањето на екстериерот. Денеска можеме да видиме дека е и ентериерно целосно завршен, направена е конзервација на целокупниот простор, на сите таваници, на дрвото во Галеријата. Сменета е електричната инсталација, која беше специфична и неопходна, како и санитарните јазли во објектот“ – изјави министерката за култура.

Во реновираната Галерија се поставени 62 оригинални слики на Мартиноски, а се презентирани и етнолошки предмети и автентични крушевски одаи.

Во близина на Галеријата е и семејна куќа, споменик на културата, на која е во завршна фаза обновата на фасадата. Се очекува да биде готова за десетина дена.

„Оваа фасада е седма од завршените во Крушево, од проектот за обнова на фасади во старите градски јадра“ – рече Канческа-Милевска.

Според Програмата на Заводот и музеј Прилеп за обнова на фасади до 2020 година, за крушевското градско јадро се планирани уште 10 фасади во центарот на градот, куќи кои веќе триесетина години имаат статус на споменици на културата.

За Македониумот, пак, Канческа-Милевска рече дека е завршено оградувањето на објектот пред да почне партерното уредување, а е завршен и проектот за реконструкција за кој е надлежен Заводот и музеј Прилеп.

„Се надевам дека по добивање на конзерваторско одобрение од Управата за заштита на културното наследство, ќе може да се објави и тендер со цел следната година да почне реконструкцијата на овој многу вреден и значаен споменик на културата“ – рече Канческа-Милевска, која ги посети објектите со градоначалникот на Крушево Ѓорѓи Дамчевски и со директорите на надлежните институции.

Директорот на Историскиот музеј Зоран Богески рече дека оградата околу Македониумот е долга 700 метри, но во втората фаза ќе опфати и хортикултурно уреден простор и ќе биде долга вкупно 980 метри.

„Со ова се планира споменичниот комплекс да добие организирана целина, со пешачка зона и патека која доаѓа до споменикот, дрвореди, жардиниери, бунгалови. Сето тоа е ненаметливо за самиот простор и не ја нарушува неговата автентичност. Имаме контролиран електронски влез и излез на просторот, кој ја зголемува и безбедноста и организацијата на посетителите“ – истакна Богески. За оградувањето на Македониумот од Министерството за култура се одвоени 2.800.000 денари. За фасадите што се завршени досега се одвоени околу 14 милиони денари, а за Галеријата „Никола Мартноски“ околу 1.200.000 денари.

Покрај овие крупни проекти има и други во Крушево кои се реализираат со поддршка од Министерството за култура и општината Крушево. Меѓу нив е уредувањето на поставката во Историскиот музеј, што се планира за идната година, а во Спомен-куќата на Тоше Проески ќе продолжи музичката работилница која како проект беше воведена минатата година со предавањата за гитара на Влатко Стефановски.

Во оваа пригода министерката за култура Канческа-Милевска го посети и вечното почивалиште на Тоше Проески.