Ристовски: Досега 1.800 лица над 30 години ја искористиле поволноста за академска диплома

Во рамки на проектот 33/35 за академската 2015/2016 година вкупно 256 македонски граѓани, кои од различни причини во минатото немале можност да се стекнат со факултетска диплома, пријавиле и запишале прв циклус студии на 16 државни факултети, со годишно кофинансирање на студиите од 200 евра во денарска противвредност.

Досега, во изминатите шест години колку што се спроведува овој проект, вкупно 1.800 лица се запишале на некој од државните универзитети.

„И овој пат интерес постоеше за сите струки, но најмногу за студиските програми во рамки на техничките, природно-математичките и медицинските науки, коишто согласно реалната состојба на пазарот на трудот се дефицитарни и обезбедуваат поголема можност за вработување и е економска сигурност на поединецот,“ истакна на денешната прес-конференција заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Додаде дека преку искористување на оваа поволност од страна на државата за стекнување академска диплома, овие лица од една страна ќе си помогнат себеси, без разлика дали побрзо ќе најдат вработување или, пак, ќе бидат унапредени на повисока позиција доколку веќе работат, но од друга страна, како што рече, ќе помогнат и во севкупните напори за општествено економски просперитет на државата.

Овој проект на сите заинтересирани граѓани на возраст од минимум 30 години за жени и 35 години за мажи со претходно завршено четиригодишно средно образование и заснован работен однос на неопределено време, или, пак, лица невработени кои се пријавуваат во АВРМ најмалку пет години, им овозможува да се запишат на студиска програма во прв циклус на студии со годишно кофинансирање на студиите од 200 евра во денарска противвредност.

За академската 2015/2016 година на конкурсот биле понудени 44 студиски програми на 16 факултети во состав на државните универзитети.