Примарната здравствена заштита е првиот контакт на пациентот со здравствениот систем и има посебно значење како „капија“, за целокупното лекување и следење на здравствена состојба на пациентот. Кај матичниот лекар секој осигуреник треба да добие квалитетна здравствена услуга, согледување на ризиците и рано откривање на определените заболувања што е од огромно значење за превенцијата и навременото лекување.
ФЗОМ постојано ги следи услугите и го унапредува начинот на функционирање на примарната здравствена заштита со тенденција на долг рок да обезбеди поквалитетна услуга, односно подобра превентивна здравствена заштита и навремена дијагностика за подобро здравје за сите осигуреници.
Сите промени кои се насочени кон подобрување на здравствената заштита и условите за работа на лекарите, без оглед од која дејност се, ги правиме во постојана соработка со Стоматолошката комора, Лекарската Комора и Здружението на приватни лекари на Македонија.
Фондот за здравство, по анализа на состојбите во примарното здравство, одлучи да го зголеми капитациониот бод за матичните лекари од 50 на 55 денари. Тоа значи дека матичните лекари ќе добијат 10 % зголемување за поквалитетна грижа за здравјето на пациентите.
Последното покачување на капитациониот бод кај матичните лекари е направено во 2011 година од 45 на 50 денари. Начинот на финансирање на примарната здравствена заштита во дејноста општа медицина, односно финансирањето на матичните лекари е по метод на капитација.
Фондот за здравствено осигурување издвојува значителни средства за дејноста општа медицина и за тоа во буџетот за 2015 беа предвидени и ќе бидат исплатени 1 милијарда и 870 милиони денари. Зголемувањето од 5 денари по капитационен поен за Фондот има дополнителна фискална импликација од изнесува 188 милиони денари годишно.
Бенефитот од оваа мерка ќе го почувствуваат 1527 тимови на матични лекари кои што работат во 1085 ординации со кои Фондот има склучено договор во 2015 година. Оваа мерка ќе значи и подобрување на состојбата во примарната здравствена заштита која ќе се рефлектира и на нашите 1,768.939 осигуреници кои имаат избрано матичен лекар и оваа бројка бележи континуиран пораст од година во година. Во просек секој матичен лекар има 1159 пациенти за кои Фондот исплаќа 104.367 денари.
По оваа одлука, која ја верификува Управниот одбор на Фондот, и по добивање согласност од Министерот за здравство, ќе биде објавена во Службен Весника на РМ. Зголемувањето ќе почне да важи од 1.7.2016 година.
Фондот за здравствено осигурување на Македонија и понатаму продолжува да биде рамноправен партнер со здравствените установи и заеднички да работи на зајакнување на обезбедување на поквалитетно и подостапно здравство за сите осигуреници и квалитетни работни услови за здравствените работници.