Агенцијата за храна и ветеринарство дел од Советодавниот форум на ЕФСА

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство м-р Зоран Поповски на 8 и 9 декември, во Луксембург, учествуваше на состанок на Советодавниот форум на Европската агенција за безбедност на храната (ЕФСА). Советодавниот форум на ЕФСА претставува собир на челните лица на националните агенции одговорни за безбедноста на храната. Форумот помага во креирање на работните програми на ЕФСА и се грижи за новите ризици во синџирот на храната, осигурувајќи дека потрошувачите сe заштитени на најдобар можен начин.Со ова учество на директорот Поповски, во Агенцијата за храна и ветеринарство во рамки на Инструментот на претпристапната помош ИПА 2, почна да се спроведува програмата насловена ,,Подготвителни мерки за учество на земјите со кандидатски статус и земјите со потенцијален кандидатски статус во ЕФСА”, финансирана од Европската Комисија.

Програмата има за цел да ја зголеми подготвеноста на националните тела за идната соработка со ЕФСА, посебно во делот за трансфер на знаење за методологии кои се употребуваат во областите на кои работи ЕФСА за проценка на ризикот и собирањето на податоци.

Директорот Зоран Поповски е национален координатор на програмата во Македонија, која ќе се спроведува во следните две години.