Канческа-Милевска се обрати на меѓународната конференција „Културното и духовното единство на словенските народи“

Во текот на својата официјална посета на Руската Федерација по повод 4-тиот Санктпетербуршки меѓународен културен форум, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска оствари работна средба со свои колеги министри за култура од повеќе земји меѓу кои Руската Федерација, Луксембург, Азербејџан, Молдавија и Босна и Херцеговина.

На средбата беа разменети мислења околу идните планови и проекти кои ќе ги продлабочат културните врски помеѓу Република Македонија и претставниците на земјите учеснички на самитот,при што беше нагласена важноста од унапредувањето на културните политики кои придонесуваат за афирмација на заедничкиот карактер што го поседуваат словенските држави.

Во рамките на посетата, Канческа-Милевска се обрати и на меѓународната министерска конференција на тема: „Културното и духовното единство на словенските народи“ на која учестувуваат министри за култура и други високи претставници од 55 земји во светот.

Пред присутните гости меѓу кои и Михаил Швиткој, специјален претставник на Претседателот на Руската Федерација, за меѓународна соработка, Алла Манилова, заменик министер за култура на Руската Федерација и други видни личности од областа на културата, политиката и бизнисот, Канческа Милевска го нагласи значењето на конференција како убава можност да се споделат заеднички иницијативи и проекти кои ќе овозможат поголемо и подинамично зближување и стимулирање на културната соработка меѓу словенските држави, како и заедничка презентација на културните вредности на словенските народи во светот.

Во своето обраќање, Канческа-Милевска потенцираше дека меѓусебното разбирање и споделувањето на искуства се главните елементи врз кои почива соработката меѓу словенските народи, особено на земјите членки на Форумот на словенските култури и истовремено ја подвлече важноста на сите заеднички иницијативи и активности кои се плод на досегашната соработка.

Министерката за култура Канческа-Милевска ги информираше присутните и за капиталните инвестиции кои Владата на Република Македонија и Министерството за култура ги реализрираат во речиси сите сегменти од културното живеење, вклучувајќи го и културното наследство кое не е само симбол на минатото, туку тоа е дискурс низ кој се поттикнува културниот диверзитет.

Во текот на вчерашниот ден министерката за култура Канческа-Милевска се обрати на 11-от состанок на Бордот на „Форумот на словенските култури“, фондација која веќе единаесет години ги промовира и ги афирмира особеностите на словенските народи, а присуствуваше и на пленарната седница и на свеченото отворање на 4-тото издание на Санктпетербуршкиот меѓународен културен форум кој трае до 16-ти декември.

02_megjunarodna_konf_-_Rusija