Ретроспективна изложба на Крунислав Стојановски

Во петок, на 18 декември, со почеток во 20 часот, во Музејот на град Скопје, македонскиот академски сликар Крунислав Стојановски, кој речиси 30 години живее и работи во Загреб, ќе ја отвори својата прва ретроспективна изложба насловена како „Циклуси“. Со оваа постановка тој одбележува 20 години творечка работа. Авторот за првпат во својот роден град се претставува со најголемиот број дела од неговиот целокупен минат труд. На изложбата ќе бидат претставени слики поделени во осум творечки циклуси.

На изложбата во Скопје, ќе бидат прикажани голем дел од 400те слики, кои се донесени од Загреб. Селекцијата ја направија Соња Абаџиева, нашата ценета историчарка по уметност и самиот автор. Сликите се поделени во 8 циклуси, на кои авторот работи во континуитет низ дваесет години. Најголемиот дел од нив се со експресивен карактер.

„Оваа изложба ми е од најголемо значење, затоа што е моја прва голема сликарска постановка во мојот роден град. Ова е ретка можност да се види добар дел од моето творештво, особено сликарскиот сегмент, на кој редовно му се навраќам, и физички и низ своите дела, зошто во сликите лесно се чита македонскиот ген и константната носталгија“ вели авторот Стојановски.

Крунислав, средното училиште го завршува во Скопје. По кратко студирање на Ветеринарниот факултет во Загреб и на Архитектонскиот факултет во Скопје, во 1992 година запишува Ликовна академија во Загреб, каде што дипломирал во 1998 година во класата на професорот Ѓуро Седер. Здобивајќи се со стипендија на KulturKontaktAustria, добива можност да студира и дипломира Public Art во класата на Dr. Agnes Denes (САД) на SOMMERAKADEMIE, Салцбург, Австрија. Професионално работи и се усовршува во Cable Factory, Хелсинки, Финска, како лауреат на програмата UNESCO-ASHBERG Bursaries for Artist Program, Франција. Член е Хрватското друштво на ликовни уметници и на Хрватската заедница на самостојни уметници, како и на Управниот одбор на Здружението на хрватските уметници и ликовни критичари. Повеќе години е член на Управниот одбор на Народното свеучилиште„Сесвете“ во Хрватска. Покрај уметничкото создавање, се занимава и со организација на разни уметнички проекти од меѓународен карактер. При тоа, во некои проекти иницира, продуцира и организира во целост, во некои пак, селектира уметници и поставува изложби, додека пак во некои проекти соработува во нивната организација. Некои од неговите најзначајни проекти се: Sunny Moon (2001) и Денови на хрватската култура во Македонија (2002), кои ги иницира и целосно ги организира. Овие проекти доведуваат до потпишување на Договор за соработка меѓу Министерствата за култура на Македонија и на Хрватска. Со селекција на уметници соработува и со Скопско лето (1996), Лампарна, Лабин, Хрватска (1997), а во Галеријата СЦ во Загреб ја иницира меѓународната изложба „Identities & Conflict/ EGO“ (2003). Повеќе години соработува во организацијата на Загреб Филм Фестивал и Фестивалот на светскиот театар во Загреб. Има работено специјални сценографски задачи за филмовите „Некои други приказни“, во режија на Ивона Јука (2003), и Goltzius &ThePelicanCompany (2011), на режисерот Питер Гринавеј (Peter Greenaway), за некои ТВ реклами и серии. Добитник е на наградите на UNICEF и на RedBull (2ОО3), како и на десетина позначајни стипендии.

Се занимава со сликање, цртање, изработка на амбиентални инсталации, фотографија, видео, пишување и едукација. Темите што преовладуваат во неговото уметничко творештво се оние што имаат социјална, хуманистичка, еколошка и политичка конотација, со посебен акцент на поединецот и на неговата улога, на можностите и на значењето во глобалното општество.

Своето творештво го има претставено преку повеќе од 40 самостојни изложби во Загреб, Пореч, Грожњан, Макарска, Осијек, Ријека, Ѓаково, Пакрац, Задар – Хрватска; Виена – Австрија; Хелсинки и Еспоо – Финска; Скопје – Македонија; Берлин – Германија; Торино – Италија; Ротердам – Холандија.