„Биди ѕвезда не фрлај петарди“ – младите во Охрид се едуцираат од опасноста од пиротехниката

Под мотото „Биди ѕвезда не фрлај петарди“, СВР Охрид го отпочна проектот „Превенција од злоупотреба на пиротехнички средства“. Утре напладне, на плоштадот „Св.Климент Охридски“, во соработка со Секторот за образование при општина Охрид ќе се органиизира јавен настан со учество на ученици од шестто до деветто одделение од основните училишта „Св.Климент Охридски“, „Григор Прличев“„Христо Узунов“ и „Братство- Единство“. Учениците ќе испишат плакати со пораки за опасностите од злоупотребата на пиротехнички средства. Вчера во ОУ„Христо Узунов“ се одржаа едукативни предавања на тема „Ризици од употреба на пиротехнички средства“.

Целта на проектот што го реализираа одделението за превенција е едукација и подигнување на јавната свест кај граѓаните посебно кај младата популација за опасностите од употреба на петардите и другите пиротехнички средства.

Во рамките на проектот ќе бидат нагласени начините на превенција како и казнените законски одредби за неовластена употреба на пиротехнички средства на јавно место што претставува општа опасност со која се загрозува сигурноста на граѓаните.

СВР Охрид, деновиве ќе отпочне со засилени контроли со цел превенирање, но и санкционирање на правните и физички лица кои неовластено продаваат и користат петарди и други пиротехнички средства.