Утре прекин во сообраќајот на кружниот тек кај Охридска банка

Во тек се финални подготовки на подлогата за асфалтирање, нивелирање и збивање на тампонскиот слој како и поставување на сливници во последните две фази од градба на кружниот тек на пресекот на булеварот „Туристичка“ и улицата „Македонски Просветители“.

Според планираната динамика на изведувачот, поставувањето на првиот слој на асфалт за порамнување ќе отпочне утре во периодот помеѓу 11 и 15 часот поради што делови од улиците „Македонски Просветители“ и „7-ми Ноември“ ќе бидат затворени за сообраќај. Во зависност од временските услови односно максималните дневни температури, се очекува поставувањето на завршниот слој на асфалт на оваа крстосница во последните две фази од градба да биде во недела и понеделник, односно на 20 и 21 декември.

По завршувањето на асфалтирачките работи на оваа кружна крстосница изведувачот ќе ја постави комплетната хоризонтална и вертикална сигнализација на целата крстосница по што сообраќајот ќе се одвива според новиот режим на сообраќај.