Објавен повик за идејно решение за марина во Охрид

Министерството за транспорт и врски објави јавен повик за изработка на идејно решение за надградба на градското пристаниште и изградба на нова марина во општина Охрид.

Се предвидува идејното решение за марината да се изработи на локација пред центарот за обука за вода на АРМ и езерската полиција во Охрид, од каналот Билјанини извори во правец кон Горица.

Проектот со идејно решение треба да содржи изградба на понтонски мостови со можност на поврзување на марината и градското пристаниште. Исто така во идејното решение треба да се обезбеди место за приврзување на минимум 300 пловни објекти (глисери, јахти, едрилици и чамци) и паркирање на минимум 10 бродови.

Во Марината потребно е да се обезбеди комплетна комунална и електрична инфраструктура, да се обезбеди со опрема за заштита и спасување на вода како и противпожарни хидранти, да се постави комплетна пловидбена сигнализација, паркинг за возила и приколки од пловни објекти како и архитектурно решение за ресторан, сервис за пловила и продавница за наутичка опрема.

Тендерската документација може да се подигне од Министерството за транспорт и врски, а идејните решенија ќе можат да се доставуваат до 29.1.2016 година до Министертвото за транспорт и врски.

Јавниот повик е објавен на веб страната на Бирото за јавни набавки www.e-nabavki.gov.mk.