Успешно завршена натпреварувачка сезона на охридските стрелци

Викендов во Скопје, на стрелштето во Гимназијата Раде Јовчески Корчагин, се одржа последниот петти Куп во гаѓање со воздушно оружје- меѓународна програма, на кој учествуваа 11 стрелци од СК „Охрид“, сите во јуниорска категорија.

Во категорија на јуниори, Гоџоски Мартин застана на првата позиција со резултат од 371,6 кругови или во севкупен пласман-категорија мажи е третопласиран. Попоски Васко со резултат од 564,6 кругови е третопласиран кај јуниорите, односно петтопласиран во севкупен пласман. Големо изненадување направи Иво Илинчев, кој го постави својот личен рекорд од 558 кругови, а воедно се пласира на петтата позиција во јуниорска категорија.

Кај јуниорките нашата нова надеж Мартина Петровска заврши како третопласирана со резултат од 389 кругови, односно четвртопласирана во севкупен пласман-жени.

На четвртата позиција се пласира Ангела Алексовска со резултат од 387,5 кругови, а веднаш зад неа е Јана Маркоска со резултат од 375,5 кругови. Преостанатите места до десетта позиција резервирани за новите спортски надежи на македонското стрелаштво, кои имаат по 12-13 години и за кои ова е прва година во која настапуваат на меѓународна програма. Стефани Ефтимовска со резултат од 353,3 круга е седмопласирана, Луана Поповски е осма со резултат од 347,5 деветтопласирана е Мила Василеска со резултат од 337,4 круга. На десеттата позиција е Марија Магдалена Шишкоска со резултат од 334,8 кругови. На последната позиција се пласира Мартина Кочовска со резултат од 272,2 кругови.

Еден голем преседан го обележа овај последен Куп, кој е само еден во низата во оваа натпрварувачка сезона. Имено добитникот за животно дело-Селекторот на македонската спортска стрелачка федерација, Стеван Крстески, на крајно непристоен и недоличен начин, со влечење за јакна, се обидел да го отстрани нашиот тренер, кога таа се обидувала да му помогне на наш поранешен стрелец, кој воедно е и потенцијален олимписки кандидат.

„Несебичната поддршка која ние како клуб ја даваме за унапредување на спортското стрелаштво е буквално исмејувана во круговите на федерацијата и членките кои го поддржуваат ваквиот начин на недолично однесување на клучните луѓе во федерацијата. Има ли некој кој ќе стави крај на пародиите кои ги прават, за конечно овај спорт го добие сјајот што го имаше пред десеттина години? Но, да се надеваме дека оваа лоша пракса ќе биде само минато, а со вака успешно завршена година, раководството и стрелците на СК „Охрид“ им ја честитаат Новата Година и Божиќните празници на сите наши согрѓани, со надеж дека работите ќе се сменат, успесите ќе бидат уште поголеми, зошто успесите на поединците од градот, се успех и за целиот град.“- велат од СК „Охрид“.