Новогодишно обраќање на претседателот Иванов

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во Новогодишното обраќање упати искрени честитки до граѓаните на Република Македонија.

„Почитувани граѓани на Република Македонија,

Новата година отсекогаш ги буди најискрените чувства и очекувања кај секој од нас.

Затоа сите ние со нетрпение очекуваме старото што побргу да пројде, за новото да дојде и со себе да донесе нова надеж. Надеж дека во годината што доаѓа ќе имаме здравје, ќе шириме љубов и милост, ќе живееме во радост и во среќа. Надеж дека таа радост ќе можеме да ја споделиме со нашите ближни.

Затоа, да им посветиме љубов и внимание на нашите семејства, на нашите деца, на нашите соседи и пријатели.

Да бидеме солидарни кон болните, немоќните и кон секој што има потреба од наша поддршка и помош.

Да бидеме благодарни кон храбрите чувари на нашата безбедност поради кои и вечерва Македонија може мирно и безгрижно да прославува.

Драги сограѓани,

Имаме историска одговорност пред нашите потомци да им ја оставиме Македонија посилна и поуспешна, отколку што ја наследивме од нашите предци.

Затоа, сплотени, со чувство за државност и за сувереност да продолжиме да ја градиме Македонија според највисоките европски вредности, стандарди, критериуми.

Да продолжиме да градиме праведно општество втемелено врз мирот, вистината и слободата.

Да си простуваме и да се почитуваме.

Да бидеме и упорни и трпеливи.

И, во сè што правиме, да се престигнуваме во добрина.

Празниците што ни доаѓаат во секој наш дом нека донесат семејна радост, љубов и среќа. Да имаме мир, напредок и успех насекаде и за секого.

Ви посакувам среќна и бериќетна Нова 2016-та година!“- се вели во честитката.