Трговската размена со странство до ноември лани 9,935 милијарди долари

Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари-ноември 2015 година, изнесува 228 860 406 илјади денари, изразена во долари 4 123 350 илјади САД долари, односно 3 714 620 илјади евра.

Вкупната вредност на увозот на стоки во Република Македонија, во периодот јануари-ноември 2015 година, изнесува 322 614 220 илјади денари, изразена во долари 5 811 860 илјади долари, односно 5 236 374 илјади евра. Трговскиот дефицит, во периодот јануари-ноември 2015 година, изнесува 93 753 813 илјади денари, изразен во долари 1 688 510 илјади САД долари, односно 1 521 754 илјади евра.

Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари-ноември 2015, изнесува 70.9% . Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, производите од железо и челик (валани производи). Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од  битуменозни минерали (освен сурови), електричната енергија и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.