Концептот на слободни здравствени зони проширен со банско климатско лекување

Предлог-законот за слободни здравствени зони, како концепт за привлекување странски капитал кој предвидува воведување нови здравствени методи и постапки, трансфер на нова технологија во насока на подигнување на квалитетот на здравствена заштита во земјата е усвоен на Владина седница и е влезен во собраниска процедура, информира на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.

Тој потенцира дека концептот на законот, кој веќе беше презентиран во јавноста, е проширен во делот на банско климатското лекување, а се вклучени и сугестии и предлози изнесени во рамки на неговата презентација како бизнис модел и можност за инвестирање за време на посетите во здравствени установи во повеќе земји како САД, Данска, Германија, Шпанија, Франција и други, со цел да се овозможат што е можно поповолни услови за странските инвеститори.

„Значаен сегмент во слободните здравствени зони покрај сегментот за изградба на болници е еден нов сегмент, а тоа е можноста инвеститорите да пружаат услуги на база на комплементарна и алтернативна медицина и што е особено значајно банско климатско лекување со сместување и физикална медицина и рехабилитација. Инвеститорот во зоната може да склучи договор со ФЗОМ само во овој случај на банско климатско лекување со сместување и овозможување на физикална медицина и рехабилитација. Исто така, предвидено е во законот да може да се склучуват договори со Министерството за труд и социјална политика во рамки на нивните програми за банско климатско лекување“, посочи Тодоров.

Значајно е, нагласи, што корисникот на зоната има обврска да воведе посебни програми за банско климатско лекување со сместување, физикална медицина и рехабилитација, особено за деца или за болни од церебрална парализа и цистична фиброза.

„Ова се сегменти кои не се доволно развиени во делот на физикалната медицина и рехабилитација и затоа воведуваме обврска оној што како инвеститор ќе се јави во одредена здравстена зона да гради објект за банско климатско лекување со сместување, физикална медицина и рехабилитација да мора да предвиди минимум најмалку еден од овие три сегменти и тоа физикална рехабилитација за деца, за болни од церебрална парализа или за болни од цистична фиброза“, појасни Тодоров.

Во однос на даночните ослободувања во делот на банско климатското лекување важат даночните ослободувања за персонален данок на добивка под истите услови како и инвеститорите кои ќе основаат здравствена зона, односно болници, додека во делот на медицинска опрема и материјал за градење овие инвеститори ќе бидат ослободени од данок на додадена вредност и царина.

Според законските одредби, министерот за здравство потенцира дека кај банско климатското лекување право да ги користат услугите имаат и македонските и странски државјани, а доколку корисникот на зоната склучи договор со ФЗОМ тогаш пациентите-македонски државјани ќе можат да ги користат овие услуги со упат за банско климатско лекување како продолжено болничко лекување.

Услугите во болниците во зоните, пак, можат да ги користат странски државјани, а македонските или државјани на сите соседни држави може да ги користат со тоа што ќе ги плаќаат услугите со лични средства по цени коишто се до 30 отсто повисоки од највисоките цени на здравствените услуги на приватните здравствени установи во Македонија.

„Оваа одредба ја ставивме со цел да не направиме сериозно нарушување на пазарот на Македонија, имајќи предвид дека има болници коишто инвестирале без определени даночни олеснувања и тоа во сите региони од државата. Доколку нема вакви ограничувања, во тој случај новите инвеститори ќе ги ставиме во далеку поповолна положба од постојните инвеститори што е спротивно на европската легислатива“, нагласи Тодоров.

Тој додаде дека е предвидено од цената која што е зголемена за 30 проценти 50 проценти од вкупниот износ да биде државна давачка, за на тој начин, како што вели, практично да се плати оној дел од данокот од којшто се ослободени како резултат на градба на болницата. На овој начин, нагласи, се поттикнува развојот на здравствен туризам.

„Тоа е целиот концепт којшто сакаме да го развиеме, а тоа е да поттикнеме здравствен туризам во Македонија и во делот на болниците, а особено во банско климатското лекување. Во овој дел имам големи надежи и очекувања затоа што Македонија има голем и добар потенцијал за банско климатско лекување којшто донекаде е искористен, но има можности за сериозно подобро искористување. И во тој сегмент планираме да имаме најмалку една посебна зона само за банско климатско лекување каде тоа го овозможуваат природните ресурси“, рече министерот за здравство.

Тодоров потенцира дека овој концепт на слободни здравствени зони веќе се применува во Дубаи, во Турција и во Јужна Кореа. Станува збор за нов концепт кој што е во зародиш, а којшто се етаблира исклучиво во развиени здравствени системи.

„Очекуваме со имплементацијата на овој концепт и отворањето на слободните здравствени зони во Македонија ќе овозможиме сериозно високо ниво на квалитет на здравствените услуги, во смисла на примена на нови операции и интервенции кои досега не се извршувале во земјава, имајќи предвид дека болниците кои што ќе дојдат во земјава треба да ги исполнат највисоките светски стандарди со што очекуваме да дојдат едни од најдобрите и врвни болници од САД и Европа“, рече Тодоров.