Кривични пријави за уште шест лица во продолжение на акцијата „Гора“

Во рамки на оперативната акција “Гора“ во текот на минатиот месец Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје до ОЈО Скопје за четири одвоени случаи поднесе четири кривични пријави против шест лица за седум кривични дела од кои: по две кривични дела “кражба“ (чл.235 ст.3) и “злоупотреба на службена положба и овластување“ (чл.353) и по едно – “фалсификување службена исправа“ (чл.361 ст.1), “помагање“ в.в со “злоупотреба на службена положба и овластување“ (чл.353 в.в чл.24) и “фалсификување или уништување деловни книги“ (чл.280 ст.2). Притоа, запленети се речиси 18 метри кубни огревно дрво, а причинетата штета е проценета на речиси 100.000 денари.

Во првиот случај поднесена е кривична пријава против Ф.Ј. (53) од Скопје за извршено кривично дело “кражба“ затоа што пријавениот со намера за противправно присвојување од туѓа шума исекол повеќе стебла мешано огревно дрво, дива круша, и дива слива (кои се забранети за сеча во шума) во количина од 9,20 метри кубни, без соодветна документација и жиг. Потоа безправно исечените дрва ги натоварил во ТМВ марка ФАП управувано од лицето А.Ќ. кого пријавениот го ангажирал за превоз до неговиот дом во село Арачиново. Но, на раскрсницата на патот помеѓу с.Побожје и с.Кучевиште ТМВ бил сопрено од полициски службеници од ПС ОН Чаир. При контрола, констатирано е дека нема никаква валидна документација за огревното дрво и за транспортот по што е известена и шумската полиција од чија страна е одземена дрвната маса, ТМВ. Со наведеното инкриминирано дејствие пријавениот ја оштетил заедницата за 55.200 денари.

Во вториот случај кривично пријавено е лицето Д.Г. (27) од Скопје за извршено кривично дело – “злоупотреба на службена положба и овластување“. Имено, пријавениот, во својство на службено лице-шумски полицаец во Шумска полициска станица Скопје на сторител на прекршок му вратил ТМВ марка „ТАМ“ коешто претходно поради несправна документација и безправен превоз на огневно дрво даб, било одземено од страна на полициските службеници од ПС ОН Кисела Вода и предадено на шумската полиција за понатамошна постапка. Пријавениот, со потврда за вратени предмети му го вратил на сторителот на прекршокот предметното возило, при што ја одзел само дрвата маса во количина од 3 м3 огревно дабово дрво кои ги предал во Агенција за управување со одземен имот пред да биде поднесено барање за поведување на прекршочна постапка до Основен суд Скопје 1 Скопје Оддел за прекршоци.

Во третиот случај е поднесена кривична пријава против Т.А. (50) од Скопје за извршено кривично дело “кражба“, којшто противправно присвоил бесправно исечени огревни дрва (бука) од туѓа шума во количина од 2.8 метра кубни, без жиг и соодветна документација со намера да изврши бесправен превоз на исечената дрвана маса од неговото живеалиште во с. Љубанци до купувач со живеалиште на ул. „Бутелска“ со кого предходно договорил купопродажба на дрвната маса. Дрвата ги натоварил на ТМВ ТАМ и се упатил до адресата на купувачот и во дворното место во домот на купувачот го паркирал и го оставил предметното ТМВ натоварено со огевно дрва. Предметното возило било забележано од страна на полициски службеници од ПС ОН Чаир за што била известена Шумска полиција која излегла на лице место и извршила контрола и мерење на дрвата и од нивна страна одземени се ТМВ ТАМ. Пријавениот со наведеното инкриминирано дејствие ја оштетил заедницата за 19.600,оо ден.

И во четвртиот случај кривично се пријавени лицата В.Р. (55) од Самоков-Македонски Брод за “злоупотреба на службена положба и овластување“ и “фалсификување службена исправа“, С.А. (49) од Скопје за “помагање“ Р.З. (19) од Скопје за “фалсификување или уништување деловни книги“. Првопријавениот во својство на манипулант за сеча, дотур и превоз во Шумска стопанска единица „Патишка Река 1“ во ЈПУЗПП ЈАСЕН-Скопје во договор со второпријавениот му овозможил на истиот бесправна сеча на речиси три метри кубни огревно дрво (бука). Имено, врз основа на каса-прими на име на второпријавениот и фискална сметка што С.А. ги обезбедил откако извршил уплата во благајната на Дирекцијата на ЈПУЗПП ЈАСЕН како купувач на 6,3 м3 огревно дрво во вид на „отпад од лежечка маса“, тој бесправно исекол 2.10 м3 квалитетно сурово огревно дрво бука „прва класа“ и само 0,70 м3 дрво во вид на „отпад на сеча“, а пак В.Р. за да му овозможи легален превоз на бесправно исечени дрва, ги жигосал дрвата со жиг и изготвил и со свој потпис и печат заверил Испратница. Бесправно исечените дрва С.А. претходно ги договорил за препродажба со лице од Скопје како купувач по многу повисока цена. Во испратницата В.Р. внел невистинити податоци дека наводно се превезуваат 2,8 м3 огревно дрво во вид на „отпад од лежечка маса“ и во рубриката во која се внесуваат податоците за купувачот ги внел податоците за лицето со кое второпријавениот предходно договорил купопродажба. Испратницата со невистинита содржина му ја дал на третопријавениот Р.З. во својство на возач на предметното ТМВ кој истиот ден ја употребил како вистинита при контрола од полициски службеници од ПС ОН Кисела Вода. За настанот е известена Шумска полиција и од нивна страна се одземени ТМВ и дрвата додека предметната Испратница е одземена од страна на ЕЕКК. На тој начин првопријавениот му овозможил на второпријавениот да се стекне со противправна имотна корист во износ од 6.000 денари, а од друга страна за истиот износ го оштетил ЈПУЗПП ЈАСЕН, а воедно пријавените ја оштетиле заедницата за износ од 14.700 денари.