На 11.01.2016 година СВР Скопје – Единица за насилен криминал – Одделение за крвни и сексуални деликти, поднесе кривична пријава против Н.Д. (20) и седумнаестгодишно лице, двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“ со смртни последици. Од страна на Судија на претходна постапка на двајцата пријавени им е одредена мерка притвор во траење од 30 денови.
Кривичното дело се случило на 03.01.2016 година на ул. „Ресенска“ во кое, како последица од нанесени тешки телесни повреди, починало лицето Леарт А. од Скопје. Имено, околу 19.00 часот, Леарт А. и Е.Ф. движејќи се пеш по ул. „Ресенска“ со намера да одат во домот на Леарт А., биле пресретнати од Н.Д. и седумнаесетгодишникот. Притоа Н.Д. го прашал Е.Ф. зошто го гледа, по што настанала меѓусебна вербална расправија во која Н.Д. го удрил Е.Ф. со бокс во пределот на лицето, а потоа извадил нож и со рачката го удрил во пределот на левото уво. Во тој момент и седумнаесетгодишникот извадил нож на расклопување и на Леарт А. му задал три убоди во пределот на стомакот и градниот кош од кои Леарт А. паднал на земја во безсознание. Пријавените, веднаш потоа, се дале во бегство, фрлајќи ги ножевите во контејнер. Повредениот Е.Ф. откако видел дека Леарт А. паднал во безсознание и крварел почнал да бара помош, сопрел едно моторно возило, со кое го однеле Леарт А. во ГОБ „Св. Наум Охридски“, каде по неуспешната реанимација му е констатирана смрт. Е.Ф. кој се здобил со телесна повреда, по укажаната лекарска помош, е пуштен на домашно лекување.
Инаку, Н.Д. во јуни 2015 година, од страна на СВР Скопје е кривично пријавен поради постоење основи на сомнение дека заедно со уште две лица, на јавно место, грубо малтретирале други пет лица и направиле оштетување на моторно возило, со што сториле кривично дело „насилство“.