Во рамките на еднодневната посета на Соединетите Американски Држави, претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, оствари средби со Пити Сешн, претседател на Законодавниот комитет на Конгресот, и со Ален Берсин, помошник секретар за национална безбедност.
Претседателот на Владата Груевски, во Конгресот на САД, оствари средба со Пити Сешн, кој е претседател на Законодавниот комитет на Конгресот, еден од највлијателните конгресни комитети, кој ги уредува сите прашања во врска со процедурите, потребите, правилата и останатите аспекти за усвојување на американските закони. Сешн е еден од највлијателните американски конгресмени од редот на Републиканската партија.
Груевски и Сешн ги поздравија билатералните односи помеѓу Република Македонија и САД, истакнувајќи заложба за личен ангажман во нивното понатамошно продлабочување и унапредување.
Тие разговараа за унапредување на економската соработка, соработката на полето на инвестициите и трговската размена, при што разменија мислења за можностите за конкретна соработка.
На средбата се разговараше и за потребата и заложбите за интеграцијата на нашата земја во НАТО во функција на регионалната стабилност и безбедност.
Стана збор и за предизвиците во врска со мигрантската криза и начините за нејзино менаџирање, како и користење на искуствата на САД во оваа област.
Премиерот Груевски истакна благодарност за поддршката која САД и ја овозможува на Република Македонија и ја истакна стратешката ориентација на нашата земја за партнерски односи со САД. Претседателот на конгресниот комитет Сешн, ја поздрави економската политика на нашата земја, и истакна дека ќе продолжи со своите заложби за продолжување на поддршката на американскиот Конгрес и конгресните комитети на нашата земја во областите во кои е потребно.
Соговорницте истакнаа дека Република Македонија и САД ќе продолжат со блиската соработка на политички, економски и безбедносни теми во сите области од взаемен интерес.
Премиерот Груевски оствари средба и со Алан Берсин, помошник секретар за национална безбедност САД, кој е и потпретседател на Интерпол.
Соговорниците разговараа за можностите за унапредување на соработката на Република Македонија и САД во областа на безбедноста и превенцијата од безбедносни ризици.
Претседателот на Владата Груевски во текот на денот ќе оствари средба и со потпретседателот на САД, Џо Бајден.