Црвен крст Охрид со низа активности за Водици и Денот на рибарите

Во рамки на одбележување на големиот верски празник Богојавление-Водици и Денот на рибарите, Црвен крст Охрид е вклучен со низа активности од областа на здравствено-превентивната и социјално-хуманитарната дејност.

И оваа година во пресрет на празникот, на 18.01.2016 (понеделник), Градоначалникот на општина Охрид – Локалната самоуправа обезбеди и во соработка со Црвен крст Охрид ќе подели 50 хуманитарни пакети со прехрамбени производи и средства за хигиена на 50 социјално загрозени семејства од Охрид.

На 18.01.2016 г. (понеделник) од 19-23 ч., на пунктот на Црвен крст Охрид поставен на платото помеѓу Капетанија и ресторанот „Чун“ медицински тимови на Црвен крст Охрид ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да „скокаат по крстот“. Се апелира и се препорачува до скокачите по крстот да ја проверат својата здравствена состојба и се информираат за ризиците и опасностите кои постојат при капење во вода со температура од 9 °С и излегување на копно со температура на воздух од -10 °С.

Традиционалната крводарителска акција „Водици 2016“ под мотото „ИМАШ 5 МИНУТИ? ДАРУВАЈ КРВ, СПАСИ НЕЧИЈ ЖИВОТ“ во организација на Црвен крст Охрид ќе се реализира на 19.01.2016 (вторник) од 9-14 часот во Студенстскиот дом „Никола Карев“. Се покануваат граѓаните и гостите да ја покажат својата хуманост дарувајќи крв, а организаторот во соработка со Општина Охрид, Зегин и Дебарско-Кичевската епархија ќе им возврати со должно внимание и скромни подароци.

За настанот на осветувањето на водата во Охридското езеро и скокање по крстот на Градското пристаниште во Охрид на 19.01.2016 (вторник), Црвен крст Охрид ќе се грижи за безбедноста на капачите во вода и сите посетители на настанот со 6 тимови на спасители на вода, распоредени долж градското пристаниште, 2 тима на спасители на вода во два спасителни чамци и 4 нуркачки тимови, како и со 8 медицински тимови за укажување прва помош со едно амбулантско возило, помогнати со 2 медицински тима на Итната медицинска помош со две амбулантски возила.

На денот на рибарите на 20.01.2015, тимовите за логистика на Црвен крст Охрид ќе распределат дел од рибината чорба во семејствата со социјален ризик во Охрид како и на лица со хендикеп и стари лица кои не се во можност да присуствуваат на овој настан во месноста Сараиште.

Црвен крст Охрид до сите оние кои ќе бидат дел од настанот за одбележување на празникот Богојавление-Водици на Градското пристаниште во Охрид упатува апел и ги дава следните препораки:

– Со оглед на релативно ниската температура на водата во Охридското езеро-(кај пристаништето 9 °С), и екстремно ниската температура на воздухот која се најавува за 19.01. (до -18 °С), поради големата разлика на температурите на водата и воздухот, се повикува на исклучително високо внимание и претпазливост на оние кои ќе се одлучат да влезат во водите на Охридското Езеро:

  • Да не се влегува во вода доколку чувствуваат слабост или имаат било каков здравствен проблем
  • Доколку се влегува во вода, во неа да се задржуваат многу кратко (не подолго од 5 мин.)

Во вода телото се лади десетина пати побргу отколку во воздух, особено при зголемени телесни активности.

  • Никако да не конзумираат алкохол пред влегување во вода

Алкохолот рапидно го забрзува намалувањето на температурата во организмот.

  • Да носат обувки

– За сите кои ќе бидат дел од настанот на Градското пристаниште на копно, поради екстремно ниските температури на воздухот, се препорачува:

  • да облечат повеќеслојна облека
  • да конзумираат топли слатки безалкохолни напитоци – чај.