Пропаднаа преговорите: ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА сакаат избори на 24 април, СДСМ е против

Пропаднаа преговорите помеѓу четирите политички партии на лидерската средба која се одржа во Пржино со медијација на еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан, амбасадорот на САД, Џес Бејли, евроамбасадорот, Аиво Орав и белгискиот олеснувач, Питер Ванхауте.

Четирите најголеми партии не можеа да се договорат околу датумот за одржување на предвремените парламентарни избори. ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА се согласни изборите да се одржат на 24 април, а СДСМ е против затоа што смета дека нема услови за фер и демократски избори.

Премиерот Никола Груевски, по завршувањето на лидерската средба рече дека не го прифатиле барањето на лидерот на СДСМ, Зоран Заев за одложување на изборите, како и дека од утре ќе имаат пошироки партиски и општествени консултации и во наредните денови ќе ги кажат нивните идни чекори.

„На денешната средба Зоран Заев дојде со барања и инсистирања да се одложат изборите. Вечерва не се зборуваше ни за медиумите, ни за прочистувањето на Избирачкиот список бидејќи Заев не сакаше. Тој инсистираше сите да прифатат дека е добро да се одложат изборите. Ни потроши повеќе од 12 часа, нас и на другите политички партии, како и на меѓународната заедница за да моли, да инсистира да нема избори на 24 април. Наm ни е јасно зошто го прави тоа, бидејќи знае дека ќе загуби. Меѓутоа, тоа е неприфатливо и неодговорно и такво нешто може да направи само неодговорен човек. Сака да ја внесе државата во уште поголема криза“ – изјави Груевски.

Тој додаде дека еврокомесарот Хан им соопштил дека бил информиран од претседателот на ДИК, како и ОБСЕ и ОДИХР дека нема никакви пречки за изборите да се одржат на 24 април.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев ги напушти преговорите со образложение дека СДСМ нема да учествуваат на избори доколку се одржат на 24 април.

„Не е постигнат договор. Ако има избори на 24 април СДСМ нема да учествува. За СДСМ се неприфатливи избори без релегуалција на медиумите и без прочистување на избирачкиот список“ – изјави Заев.

Али Ахмети, лидерот на ДУИ, рече дека три партии се согласни, а една не е со датата на изборите.

„Сметам дека за вакви прашања треба да се постигне консензус. Очекуваме во следните денови сите страни да преземат ангажман и одговорност“ – изјави Ахмети.

Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, по завршувањето на лидерската средба во Пржино изјави дека не е постигнат договор затоа што три партии се согласиле предвремените парламентарни избори да се одржат на 24 април, но една партија била против. Хан потенцираше дека Македонија се наоѓа во многу тешка состојба.

Белгискиот олеснувач, Питер Ванхауте, рече дека преговорите на работните групи ќе продолжат во наредниот период, но дека мнозинството од учесниците во преговорите се согласни да има избори на 24 април.

„Во наредните недели ќе продолжиме да се обидуваме да работиме на нерешените проблеми. Ќе се обидеме да постигнеме решение за медиумите и одблиску ја надгледуваме состојбата со организирањето на изборите и доколку дојде до избори, ќе се трудиме тие да бидат спроведени на најсоодветен начин“– рече Ванхауте.

На новинарско прашање дали може да се спроведат избори без опозиција, Ванхауте рече дека ќе го одржува дијалогот и дека ќе почека да види што ќе реши опозицијата во наредните денови. На прашање дали има услови за избори на 24 април тој рече дека е скептичен во функционирањето на Државната изборна комисија која според него ги нема потребните услови за работа. Ванхауте додаде дека тој и Хан само ја мониторираат состојбата и дека Македонија е независна држава во која мнозинството од членовите во Парламентот сака предвремени избори на 24 април.

Извор: meta.mk