„Предвремени парламентарни избори се најдобриот излез на земјата од политичката криза. Денеска со гордост ви соопштувам дека нашата држава тргна одлучно да се стави крај на политичката криза и да напредуваме храбро кон иднината. Ова почнува со изборите на 24 април“, изјави премиерот Никола Груевски.
„Цврстото стоење зад изборите кои беа договорени од страна на сите партии во Пржино е реафирмација на нашата верба во демократијата. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија денеска се откажаа од сите забелешки што ги имаа во однос на методологијата за прочистување на избирачкиот список предложена од страна на ДИК. Партијата и коалицијата денеска целосно ја прифатија предложената методологија за чие имплементирање, како што бевме информирани и ние и комесарот Хан, има и капацитети и време“ – рече Никола Груевски.
Груевски рече дека двете институции најодговорни за спроведување на изборниот процес, ДИК и Министерството за внатрешни работи, се во рацете на СДСМ.
„За многу години од денес, сите ние ќе може да погледнеме назад и да кажеме „Ова беше денот кога заврши политичката криза“. Тогаш ќе може и да погледнеме наназад и да кажеме дека на 24 април народот го даде мандатот со кој нашата држава тргна одлучно по патот на нов просперитет, нови работни места, повисоките плати, меѓународен углед и политичка стабилност“ – рече Груевски.
Извор: meta.mk