Хан: Лидерите да се придржуваат до Договорот од Пржино

Еврокомесарот за добрососедска политика и за проширување, Јоханес Хан, денеска ги повика македонските политичките лидери да го спроведат Договорот од Пржино.

„Би било одлично изборите да се спроведат во тој дух, на кој сите се посветени. Во секој случај политичките играчи во земјата треба да се придржуваат до Договорот од јуни, односно јули“ – рече Хан пред почетокот на Советот за надворешни работи на Европската унија.

Еврокомесарот, исто така, рече дека Брисел е загрижен зашто не се спроведени забелешките од извештајот на Рајнхард Прибе.

„Ова е едно од главните прашања за кои постои загриженост. Направен е многу помал прогрес отколку што се очекуваше, бидејќи многу елементи и точки од извештајот на Прибе, не само што можеа да бидат разгледани, туку и имплеменирани до изборите. Тука се соочуваме со одложувања и ги повикувам сите партии да останат посветени, бидејќи тоа е дел од потребниот реформски процес. Колку што порано го направат тоа, толку подобро и толку земјата ќе биде подобро подготвена за европската и за евроатлантската перспектива. Значи, во рацете на одговорните лица е да се грижат за земјата и за луѓето“ – рече Хан.

Во врска со делот за медиумите од Договорот од Пржино, за кој политичките партии сè уште не успеаја да постигнат согласност, Хан изрази надеж дека ќе се направи прогрес, додавајќи дека политичките партии мора да направат компромис.

„Во демократијата се потребни компромиси и тие не се нешто лошо, туку нешто од кое сите добиваат по нешто, но, исто така, и се откажуваат од нешто во интерес на сите. Да се биде силен по него во однос на претходно. Ова треба да го научи политичката елита, но и луѓето. Не значи дека сте победник или поразен. Ако продолжиме вака, нема да го направиме потребниот прогрес. Мораме да разбереме дека се работи за соработка и за наоѓање решение што е прифатливо за двете страни. Природата на демократијата е да се најде компромис, добар договор, не лош договор“ – рече Хан.

Извор :meta.mk