Дваесет и шестгодишниот Петар Рупески од охридски Варош беше најсреќниот меѓу стотината верници кои денес скокаа по Светиот крст во водите на Охридското Езеро. Крстот го фрли митрополитот на Дебарско-кичевската епархија г.г Тимотеј.
Ова е третпат како Петар Рупески го фаќа Чесниот крст. Последен пат тој го фати крстот во 2014 година, кога посака среќа во животот и вработување.
„Чувството е секогаш посебно. Пресреќен сум што оваа година го фатив Светиот Крст. Исклучок е тоа што оваа година е премногу ладно. Нема некои посебни подготовки. Има само некое чувство што те води на тој ден и ако Господ тоа го сака ќе се оствари. Најважно од се е вербата во Господ”, изјави непосредно по церемонијата Рупески за кого ова е трет пат да го најде крстот.
Годинава организатори на настанот беа Општина Охрид и Македонската Православна Црква. Организацијата на случувањето беше една од најдобрите досега со голем број посетители кои крај езерото го посматраа осветувањето на водите.
„Она што го одликува Охрид со години наназад е една долга традиција на овој ден. Навистина и атмосферата но и денешното време се прекрасни, имавме и масовно присуство на граѓани од Охрид но и околината и соседните земји“- истакна градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески кој на среќниот фаќач на крстот му посака многу среќа, здравје и успех во текот на целата година но и целиот свој живот и го дарува со Икона на која е прикажано крштевањето на Исус.
„На граѓаните на Охрид и на Република Македонија во духот на православното верување им посакувам пред се меѓусебна солидарност, да ги води добра мисла во текот на оваа година , да се движат по патиштата Господови онака како што верува целиот Христијански народ, како и меѓусебно да си помагаат едни со други“- додаде Бакрачески и истакна дека годинава било договорено да не се избира кум, туку кум да си биде секој во својата организација, дом, ресторан и слично.
„Оваа година Охрид е кум на Богојавление , комплетно на целата оваа манифестација и тоа е симболиката која ја договоривме“, подвлече Бакрачески
Одбележувањето на овој голем православен празник со сите црковни обичаи започна со утринска света литургија во црквата „Света Богородица – Каменско“. По богослужбата, литијата низ чаршијата се упати кон градското пристаниште.
Празнувањата посветени на Богојавление – Водици продолжуваат утре на Денот на Рибарите а централната манифестација е на Сараиште со почеток во 12 часот. Сите посетители ќе се служат со греана ракија, вино, рибна чорба и пача. За загревање на атмосферата ќе биде задолжена групата „Билјана Јуниор“.
WebOhrid