На Сараиште одбележан Денот на рибарите

На денот посветен на Св. Јован Крстител охриѓани ја продолжуваат традицијата на одбележување на денот на рибарите. Годинава централното случување беше кај месноста Сараиште. Во пријатна атмосфера зачинета со староградската песна на ансамблот „Билјана Јуниор“, бројните посетители традиционално се служеа со греана ракија, вино, рибна чорба и пача.

Со своите сограѓани и гостите радоста ја споделуваше и градоначалникот Никола Бакрачески кој вели дека прославувањата на овој ден влечат корени од минатото кога било забрането јавно фрлање на Чесниот Крст и осветување на езерските води.

„Ова е едно убаво продолжување на традицијата која започнала во минатото. Во периодот на комунизмот кога прославите за Богојавление – Водици односно осветувањето на водите биле строго забранети, рибарите во Охрид и локалното население нашле добар начин како истите да ги реализираат, а тие сепак да бидат затскриени од очите на јавноста и тогашните власти. Во тоа време, токму на овој ден рибарите под плаштот на капење за добра риболовна сезона го криеле крстот под облека и го изведувале чинот на осветување на водите со Чесниот Крст. Од тоа време навака се задржува традицијата кога се прославува овој празник како ден на рибарите. Но симболиката на овој празник е дека во минатото на овој ден на некој начин скришно се осветувале водите на Охридското Езеро со чесниот крст“. – рече градоначалникот Бакрачески.

ribari_2016_400

Во однос на позитивните реакции коишто годинава ги имаше за одличната организација на празникот Богојавление – Водици, градоначалникот Бакрачески изјави.

„Оваа година ние имавме една широка консултација со претставници на МПЦ, со граѓаните на Охрид и со оние кои што години и децении наназад биле инволвирани во организација на одбележувањето на празникот Богојавление – Водици. Имавме неколку координативни состаноци на коишто заеднички се договаравме како е најдобро во иднина да се организира прославата на празникот. Сето она што вие вчера имавте можност да го видите беше еден вид сублимат на размислувањата на сите кои што навистина биле посветени на одбележувањето на празникот Богојавление – Водици. Ги слушавме буквално сите оние релевантни чинители коишто допринеле за одржување на оваа традиција со години и децении наназад и сметавме дека Охрид е сепак град којшто се издвојува во одбележувањето на празникот Богојавление- Водици во однос на другите градови, токму поради духовноста и религијата кои се најмногу изразени во нашиов град. Затоа во размислувањата на охриѓани и организаторите за Богојавление – Водици преовладуваше мислењето дека духовната компонента на празникот треба да преовладува и доминира и дека првенствено и единствено тоа треба да биде главно обележје за празникот Богојавление – Водици“, – истакна градоначалникот Бакрачески.

ribari_2016_4001

На одбележувањето на денот на рибарите на Сараиште денес присуствуваа и претставници од општина Воден кои во пријатно расположение пееја и свиреа македонски песни.

Богојавленските празници кои најмасовно се одбележуваат во Охрид, стануваат значаен дел од туристичката понуда на градов а понудените содржини стануваат привлечни за посетителите кои од година во година стануваат се побројни.