Отворен дерматовенеролошки специјалистички кабинет во поликлиника Драчево

Во поликлиниката Драчево денеска е отворен нов дерматовенеролошки специјалистички кабинет, што е деветти по ред.

Министерот за здравство Никола Тодоров за време на денешната посета на поликлиниката Драчево нагласи дека веќе се креирани 21 термин дневно во „Мој термин“, кои од утре ќе бидат потврдени и видливи за сите матични лекари, со што ќе можат да закажуваат пациенти кои што имаат потреба од ваква специјалистичка услуга од областа на дерматологијата.

Тодоров истакна дека наспроти растот на бројот на пациенти од 28 илјади во 2014 на 33 илјади во 2015 година, се намалува и бројот на пациенти препратени од поликлиниката на друго повисоко ниво на здравствена заштита.

„Ако во 2014 година бројот на препратени бил десет проценти, во 2015 година бројот на препратени од поликлиника Драчево кон други установи на повисоко ниво за здравствена заштита е намален на пет проценти. Тоа значи дека е двојно намален во услови кога е зголемен бројот на пациенти во поликлиниката Драчево, што овозможува граѓаните здравствената услуга да ја добијат многу поблиску до своето место на живеење,“ истакна Тодоров, додавајќи дека придобивката од отворањето на специјалистичкиот кабинет е поголема со тоа што во оваа поликлиника гравитираат околу 80 илјади граѓани.

Директорката на Здравствен дом Скопје, Татјана Баевска Вучковиќ рече дека отворањето на деветтата специјалистичка дејност, кабинетот за дерматовенерологија во поликлиника Драчево, од медицински аспект е значајна бидејќи ќе биде филтер во однос на терциерното ниво особено за ургентните состојби.

„Ќе се работи со криотерапија, што е третман за повеќе состојби во дерматовенерологијата и според бројот на упати, кои што ги имаме сметаме дека овој кабинет е навистина потребен тука,“ истакна Баевска Вучковиќ, додавајќи дека кабинетот стартува со еден доктор, што е преземен од приватна во јавна здравствена установа и ќе работи во една смена.