Министерот Адеми во посета на Кралството Норвешка

Делегација од министерството за образование и наука, предводена од министерот за образование и наука м-р Абдилаќим Адеми, на покана на Нансен дијалог центарот, се наоѓа во дводневна посета на Кралството Норвешка.

Денес, министерот за образование и наука м-р Абдилаќим Адеми го посети Кубен, најголемото и најпознато стручно училиште во Осло, каде одблизу се запозна со наставните планови и програми за работа на ова училиште, како и со образовните политики кои ги презема Кралството Норвешка во однос на оспособување кадри, потребни на стопанството. Токму оваа училиште додели донација за електротехничките кабинети со кои беа опремени училиштето во с. Прељубиште, ССОУ „Моша Пијаде“ во Тетово и ССУ „Гостивар“ во Гостивар.

За време на посетата на училиштето, директорот и дел од тимот го презентираа капацитетот на училиштето за реализирање на теоретската и практичната настава. Министерот Адеми, за време на посетата на Кубен, го запозна раководството на училиштетот со мерките кои ги преземаат Владата на Република Македонија и Министерството за образование и наука, за креирање кадри согласно пазарот на трудот, при што беше контатирано дека ова училиште во иднина може да биде визионерски модел за стручните училишта во Република Македонија.

Во текот на денот, министерот Адеми, оствари средба и со поранешниот Висок комесар за национални малцинства на ОБСЕ г-днот Кнут Волебек, при што разменија искуства и мислења на највисоко политичко ниво, посебно за односите помеѓу Кралството Норвешка и Република Македонија. Министерот Адеми и г-днот Болебек разговараа и за имплементацијата на Стратегијата за интегрирано образование во Република Македонија, при што и двајцата констатираа дека таа претставува преточување на македонската долгогодишна традиција на заедничко живеење во правна рамка, која претставува пример и за другите мултиетнички држави од регионот.

Министерот Адеми во текот на денешниот ден ќе оставри средби и со Хакон Бланкеборг, директор на секторот за Југоисточна Европа во Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка и Торе Хатрем, државен секретар во Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.