Активниот туризам предизвик за Македонија и земјите од Балканот

Македонија преку практикување на активен туризам ќе се обиде да стане лидер во туристичката дејност во регионот на Југоисточна Европа. Меѓународното здружение за активен туризам во Скопје одржа обука со цел за обезбедување на дополнителна поддршка за развојот на активниот туризам на Балканот.

Обуката се одржува во пресрет на првата регионална конференција која ќе се одржи во Охрид во мај годинава. Станува збор за самит кој треба да привлече околу 300 европски и светски тур-оператори и медиуми.

Oд Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Македонија велат дека обуката е организирана за туроператорите кои ќе присуствуваат на Конференцијата во Охрид со свои бизнис предлози.

„Сметаме дека сме ја погодиле вистинската мета за привлекување на странските туристи на ова поле. Промовирањето на Македонија во областа на активен туризам ќе се движи во таа насока што ќе дозволиме светот да дознае за нас и нашите убавини преку оваа Конференција“, истакна директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Македонија, Лела Крстевска.

Од Асоцијацијата за активен туризам АТТА појаснуваат дека токму активниот туризам глобално преставува 263 милијарди долари и дека тој е најбрзо растечкиот сектор на глобално ниво.

„Активниот туризам во себе содржи три елементи. Првиот е физички а тоа се кајакарството, пешачењето, велосипедизмот. Вториот е поврзан со флората и фауната и третиот сегмент е поврзан со културата односно со откривање нешто што е автентично. Активните туристи остануваат подолго на дестинациите каде што патуваат и трошат повеќе пари каде што патуваат,“ истакна претседателот на Асоцијација за активен туризам АТТА, Кристофер Доил.

Туризмот, според него, се дели на два дела, на масовен кој ги опфаќа крстарењата, прошетките и активниот туризам кој е долгорочно решение за повеќе дестинации во светот.

Проценката за масовниот туризам, појасни Доил е дека на секој долар 17 центи остануваат во дестинацијата каде што се случува посетата, а за активниот туризам проценката е дека 65 центи, односно 65% од секој долар остануваат во туристичкото место.

Инаку, на Конференцијата што ќе се случи во Охрид ќе присуствуваат повеќе од 200 претставници од јавниот и приватниот сектор од 12 дестинации од Југоисточна Европа кои ќе се поврзат со веќе потврдени 45 меѓународни туроператори и 20 новинари од 16 земји. Конференцијата има за цел да го поттикне избивањето на Балканот како една од најдобрите и најнедопрените дестинации за активен туризам во Европа.

извор: Alfa TV