Министерката за култура се сретна со наградувани ученици од ОУ „Лазо Ангеловски“

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска оствари средба со ученици од Основното училиште „Лазо Ангеловски“ кои во изминатиот период беа добитници на повеќе награди на меѓународни и на домашни конкурси и натпревари по ликовно образование и математика. На средбата, на која присуствуваа и директорката на училиштето „Лазо Ангеловски“ Милка Тримчевска и одделенскиот наставник Светлана Јосифовска, беше посочено дека учениците континуирано се добитници на многу признанија, преку кои успешно ја афирмираат културата на Република Македонија во меѓународни рамки. Исто така, беше потенцирана и одличната соработка што ова основно училиште ја има со Националната установа Спомен-дом на Мајка Тереза со која во наредниот период ќе реализираат заеднички проекти по повод претстојното прогласување на Мајка Тереза за светица. Министерката за култура им честиташе за сите освоени награди и ја поздрави посветеноста на наставниците во акцентирањето на важноста на културата во воспитно-образовниот процес. Таа ги повика сите ученици што почесто да бидат присутни во институциите од областа на културата каде што ќе следат претстави, концерти и други активности и им порача дел од нив да станат уметници кои ќе ја промовираат државава во светот.

05_poseta_25_01_2016_640x400