Промовирано Упатството со Прирачник за одржување на училишните објекти

Министерот за образование и наукаАбдилаќим Адеми, заедно со Шефот на мисијата на УСАИД во Република Македонија Џејмс Стајн, денеска го промовираа Упатството со Прирачник за одржување на училишните објекти. Ова упатство настана како резултат на заедничката работа на Министерството за образование и наука, УСАИД, како и вработените во училиштата, потенцираше Адеми.

„Овој проект, нема да биде само збир од препораки запишани на хартија. Во него се споделени знаења, искуства кои се резултат на долгогодишна работа. Сите тие ќе бидат имплементирани во работата на секое училиште. Благодарение на нашата соработка со УСАИД, поточно преку Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието успеавме да обезбедиме и законска регулатива за да им помогнеме на училиштата полесно и поефикасно да ги одржуваат своите објекти и подобрените услови за работа во нив“, рече Адеми.

Министерот додаде дека од особено значење е што во сите активности околу реновирањето покрај УСАИД, вклучени се и вработените во општините, во училиштата и родителите на учениците.Тие исто така задно мора да партиципираат и во одржувањето на училишните објекти.

„Преку оваа заедничка работа и посветенот во создавање на подобра образовна инфраструктура, успеваме да го развиваме и зајакнуваме мултикултурализмот во нашата држава. Успеваме да ги воспитаме нашите деца во духот на добрата меѓуетничка соработка. Тоа е нашиот влог во добра и просперитетна иднина“, рече Адеми.