Стратегијата за развој на полицијата 2016-2020, еден од клучните документи изработени во рамките на проектот за институционална надгардба на полицијата, беше официјално презентирана пред јавноста денес во ЕУ Инфоцентарот. Овој стратешки документ ги идентификува потребите и потенцијалите, и ги дефинира развојните приоритети на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) за периодот 2016-2020 година.
Според Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски се работи за стратешки документ со долгорочна развојна визија во кој фокусот е ставен на практичната имплементација и постигнувањето оптимални резултати.
„Полицијата е столб на безбедноста, мирот и благосостојба на нашето општество. Токму затоа наша заедничка цел е изградба на Полиција која е ориентирана кон афирмација на општествените вредности во функција на граѓаните и која ќе овозможи подобaр квалитет на живот, заштита на правата и мир и хармонија на сите граѓани,“ истакна министерот Спасовски.
Стратегијата предвидува развој на проактивен модел на полициско работење, поедноставување на организациската структура и унапредување на методологијата на работа, која ќе е компатибилна со најдобрите практики на европските полициски служби, со цел нејефективно искористување на ресурсите според принципот на ефикасно финансиско управување.
Следствено, СРП се темели на четири главни столбови и тоа: управување со ресурсите, работа на полицијата со заедницата, успешно справување со криминалот, и учење и развој. Нејзиното спроведување ќе биде регулирано со Акциски план со утврдени финансиски средства потребни за реализација на целите.
„Полицијата е организација која ние сите ја гледаме секој ден на улица, во одредени објекти, во установи. Тоа е организација на која треба да ѝ веруваме, да ја врши својата работа на заштита и помагање. Европската унија е ангажирана во поддржување на овие реформи од 2002 година и нашата поддршка ќе продолжи и понатаму. Концептот на ЕУ за модерна полиција значи јавна услуга на граѓаните,“ рече Лукаш Холуб, Раководител на Одделот за политички прашања, правда и внатрешни работи во Делегацијата на Европската унија.
„Овој сеопфатен проект е организиран во четири компоненти, кои во целост обединуваат 37 активности и 32 конкретни цели. Во првите 12 месеци од спроведувањето на проектот се фокусиравме на анализи, оценка на потребите и стратешко планирање, со успешни резултати. Стратегијата за развој на полицијата не е еден изолирано документ, туку резултат на еден процес на прибирање знаења, како и насока за идниот развој на полицијата во земјата,“ посочи Директорот на проектот и преставник на B&S Europe, Андреа Д’Анџело.
Стратегијата е структурирана околу 8 стратешки цели кои се фокусираат на модернизација на криминалните истраги, финансиите и единиците за поддршка, граничните работи, транспарентното и демократското полициско работење, ефективното користење на ресурсите, националната и меѓународна соработка. Овие стратешки цели беа детално презентирани од страна на проектниот тим-лидер Александер Кребл.
„Со цел да се добие мислењето за Полицијата од различни перспективи, беа организирани повеќе од 100 состаноци на централно, регионално и локално ниво, при што беше користен механизам за осигурување на квалитетот. Заедно со раководството на Секторите за внатрешни работи (СВР) и на Регионалните центри за гранични работи беа направени 12 SWOT анализи со кои се утврди кои активности е потребно да се преземат за да се подобрат јаките страни, да се елиминираат слабостите, да се искористат можностите и да се спречи реализирањето на заканите, или пак минимализирање на нивното влијание,“ нагласи Кребл.
Мисијата на Стратегијата за развој на полицијата е развивање на проактивен модел на полициско работење кој ќе обезбеди повисоко ниво на заштита на животот, имотот и личната безбедност на граѓаните, како и брз и ефикасен одговор на полицијата на сите можни предизвици.