Со меѓурелигиски дијалог против радикализацијата и екстремизмот – претседателот Иванов на конференција во Рим

„Меѓурелигискиот дијалог за кој се залагаме има за цел почитување, а не надминување на различноста. Бидејќи целта на дијалог е да ни помогне да живееме со нашите најдлабоки религиски разлики, без да ги занемаруваме или надминуваме тие разлики”, порача претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во Рим, каде учествува на 7. Состанок на високо ниво во организација на Меѓународниот центар „Низами Ганџави” и Италијанското друштво за меѓународни организации – Иницијатива за Глобален дијалог во мултиполарен свет, што се одржува во Сенатот на Италијанската Република.

Пред своето обраќање на конференцијата чија тема е „Одговор на радикализацијата и екстремизмот преку меѓурелигиски дијалог”, претседателот Иванов оствари средба со претседателот на Италијанскиот Сенат, Пјетро Грасо.

Македонскиот претседател во обраќање истакна дека доколку сакаме да имаме мир во светот мора да градиме соживот, односно взаемно да се почитуваме и да ги прифаќаме своите различности. Претседателот Иванов порача дека преку искрен дијалог треба да се запознаваме и да го почитуваме различниот.

„Наместо да се придвижиме кон поголема отвореност, кон унапредување на човековите права и слободи ние, во втората деценија на 21 век, се враќаме два чекори наназад. Во страв и затвореност, кои носат уште подлабоки поделби и уште поголем страв”, истакна македонскиот претседател, додавајќи дека обединета Европа денеска има повеќе ѕидови отколку што поделена Европа имаше за време на Студената војна. Како причина за ваквата состојба претседателот Иванов ги наведе злоупотребата на религијата, двојните стандарди, игнорирањето на меѓународното право, како и глобалниот непоредок.

rim01

Интеграцијата со асимилација, сиромаштијата и отсуството на подлабоко значење и припадност кон западниот свет, претседателот Иванов ги посочи како три главни причини за современиот радикализам и екстремизам.

Она што го отежнува меѓурелигскиот дијалог, рече претседателот Иванов, е злоупотребата на религијата од страна на државните актери кои ја користат нејзината моќ за да издејствуваат прифаќање на нивните позиции.

„Наспроти нашите залагања за единство во различноста стојат оние кои сакаат единство преку еднообразност. Нетрпеливоста, ксенофобијата и исклучивоста во светот се многукратно зголемени. Оттука, и потребата за дијалог е многукратно поголема”, порача македонскиот претседател.

Македонскиот претседател истакна наместо да се обидуваме различните религии да ги вметнеме во рамка што сами сме ја конструирале, многу подобро е да оставиме простор за слобода на изразувањето на различноста, во кој ќе градиме взаемна доверба како еднакви според правата и должностите.

„Во Македонија имаме вековен соживот меѓу христијаните, муслиманите и Евреите. И тоа не ги направи христијаните помалку христијани, муслиманите помалку муслимани, ниту пак Евреите помалку Евреи. Напротив, сите станаа побогати со тоа искуство„ истакна претседателот Иванов посочувајќи ги активностите на Македонија на полето на меѓу-религискиот дијалог на регионален и меѓународен план.

Во тој контекст претседателот Иванов посочи дека Македонија годинава ќе биде домаќин на четвртата Светска конференција за меѓу-религиски и меѓу-цивилизациски дијалог.

Покрај македонскиот претседател на конференцијата во Рим учествуваат бугарскиот претседател, Росен Плевнелиев, поранешниот претседател на Италија, Џорџо Наполитано, поранешниот министер за надворешни, Франко Фратини, како и поранешните претседатели на Романија, Емил Константинеску, на Полска, Бронислав Коморовски, на Хрватска, Иво Јосиповиќ и на Србија, Борис Тадиќ.

Вечерва македонскиот претседател ќе присуствува на приемот кој за учесниците на конференцијата го приредува претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела.

На претседателот Иванов ќе му биде врачено посебно признание од страна на копретседателите на Меѓународниот центар „Низами Ганџави”, г-ѓа Ваира Вике-Фреиберга и Исмаил Серагелдин.

Учеството на претседателот Иванов на овие настани е резултат на неговата посветеност во остварувањето на целите на Алијансата на Цивилизациите на Обединетите нации како и на одличната соработка со Меѓународниот центар „Низами Ганџави” и Италијанското Друштво за меѓународни организации – Иницијатива за Глобален дијалог во мултиполарен свет. Претходно македонскиот претседател има учествувано на конференциите во Баку, Софија и Рим.

rim02