Ванхауте: Избори на кои не учествуваат сите политички партии се проблематични избори

Белгискиот олеснувач Питер Ванхауте денеска пред почетокот на средбата на работните групи во клубот на пратеници рече дека според него можно е да се постигне договор и дека е добро што политичките партии даваат свои предлози, кои не се конечни решенија, туку само предлози.

Тој потврди дека со некои од предлозите има проблем затоа што не се според стандардите на Европската унија. Ванхауте исто така додаде дека нема формален договор за методологијата за прочистување на избирачкиот список, но, е задоволен што може да каже дека Државната изборна комисија (ДИК) прави сè што може за прочистување на избирачкиот список.

Одговарајќи на новинарско прашање, белгискиот олеснувач рече дека ако нема доволно време да се подготват изборите според него тоа може да бидат проблематични избори. Исто така, како одговор на новинарско прашање Ванхауте рече дека избори кои не се инклузивни односно на кои не учествуваат сите политички партии се проблем за демократијата и за државата.

Според него одговорноста ја имаат и власта и опозицијата, а владејачката коалиција треба да ги направи условите за изборите атрактивни за опозицијата.

Извор: meta.mk

Фото: Принтскрин